Македонија
Доделeни признанијата за најуспешните туристичко угостителски субјекти
Во комплексот „Македонско село“ во Нерези со пригодна церемонија, во недела беше одбележан 27 Септември – Светскиот ден на туризмот.
Во комплексот „Македонско село“ во Нерези со пригодна церемонија, во недела беше одбележан 27 Септември – Светскиот ден на туризмот.
Министерот за економија Беким Незири, кој ја отвори свеченоста, истакна дека туристичкиот сектор глобално има голема динамика, која бара брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања.
„Во услови на економска криза, која е веќе подолго време присутна во светски рамки, а чии последици се почувствуваа во туризмот во изминатиот период, Владата на Република Македонија донесе неколку добри и сè уште активни мерки кои придонесоа да се намали ризикот од кризата, но и македонскиот туристички производ да се направи поконкурентен на пазарот. Мерките како: субвенционирање на организираниот странски туристички промет, намалувањето на стапката за ДДВ од 18 на 5 отсто во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација се покажаа квалитетни за севкупното зголемување на туристичкиот промет во државата“, рече Незири.
Како резултат на сето ова, посочи министерот за економија, имаме континуиран раст на бројот на туристи во Македонија, при што во периодот јануари – јули 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7,9 отдто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 4,8 отсто.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, Кристијан Џамбазовски, рече дека овие показатели се резултат на сè поагресивната кампања од страна на Владата и Агенција за промоција и поддршка на туризмот, како што се активно учество на меѓународни саеми, организирање на информативни патувања на странски туроператори и новинари, презентации во странство, организирање на денови на македонски туризам, како и медиумска кампања, со што Македонија веќе се открива како атрактивна туристичка дестинација.
„Исто така, континуирано се работи на реализација на проектите за поддршка на туристичките продукти, нивно зголемување и осовременување. Доказ дека сите овие активности се во вистинска насока е и статистиката според која во последните 8 години бележиме раст на посетеноста од странски туристи за повеќе од 100%. Доколку се продолжи со овој тренд на зголемување очекувањата се до 2020 година бројот на туристи да биде 1 милион со остварени 3 милиони ноќевања. Бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром е во пораст благодарение на чартер летовите и на 33те директни линии до најзначајните европски дестинации“, истакна Џамбазовски.
Одбележувајќи го овој светски настан, кој се одржува под глобалното мото „Милијарда туристи, милијарда можности“, Министерството за економија, според предлозите направени заедно со туристичките здруженија и комори, извештаите од АППТРМ за доделени субвенции, како и на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции, и годинава додели признанија за најуспешните туристичко-угостителски субјекти, при што акцентот беше ставен на инкаминг туристичките агенции, хотелиерите, рестораните и туристичките настани, а од оваа година се воведе уште една категорија – најдобро уредена плажа покрај езерата во Република Македонија – имајќи предвид дека и овој сегмент придонесе за подобрување на годинешната туристичка понуда.
Министерот Незири ги додели наградите во првите три категории, при што во категоријата „Најуспешни хотели во претходната година“, со признанија се закитија Холидеј ин – Скопје, Инекс Горица – Охрид, Аурора Ресорт & Спа – Берово, Буши Ресорт & Спа – Скопје, додека во категоријата „Нова туристичка понуда во делот на хотелиерството“, признанија освоија хотелите Изгрев – Струга, Русија – Скопје, Ибис – Скопје и Мираж – Струга. Од туристичките агенции најсупешни беа Карачи, Фибула ер травел, Вардар Експрес, Ториа и Атлас корпорејшн, сите од Скопје.
Директорот на АППТРМ Џамбазовски им додели признанија на најдобрите туроператори, и тоа АСА туроператор и ВАС –ТУР, обата од Скопје, како и најуспешните ресторани: Воденица – Скопје, Стара Куќа – Скопје (прв Национален ресторан со ознака Меана), Стоби – Градско, Твинс- Скопје и Артени – Гостивар. Државниот секретар на Министерството за економија Анета Димовска ги врачи признанијата на најдобрите манифестации, и тоа Звуците на чаршијата – Скопје, Фестивал „Охридско лето“, Фестивал „Браќа Манаки“ – Битола, Тетовско културно лето и Скопско културно лето, а признанијта за најдобро уредена плажа ги добија Општина Дојран, Општина Ресен, Голден Бич -Охрид, хотел Дрим – Струга и Версус од Струга. Надвор од официјалните категории, министерот Незири додели и две признанија за успешно завршена работа, и тоа на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

