Македонија
Претседателот Иванов ќе се сретне со владиниот тим за странски инвестиции
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во понеделник ќе ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции.
Целта на средбата, како што соопштуваат од Кабинетот на Иванов, е координација и усогласување на надворешно – политичките активности, односно на економската дипломатија на македонскиот претседател со активностите на владиниот тим за странски инвестиции.
На средбата се очекува да бидат разменети идеи, мислења и иницијативи, со цел во рамките на дипломатските активности на претседателот Иванов да се засили неговата економска агенда.
„Имено, покрај досегашните традиционално добри трговски партнери на Република Македонија и земји од каде имаме присуство на странски инвеститори, да се одредат државите во кои е неопходно во наредниот период да се остварат посети, да се интензивираат контактите и да се унапреди правната рамка во насока на создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи“, се вели во соопштението. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Бизнисот и институциите дискутираа за дневницата на оние кои работат во недела, се зборуваше и за порастот на плати во јавниот сектор
Во Прилеп се одржа седницата на Управниот одбор на Регионалната комора, која беше фокусирана на клучните економски предизвици и решенија за локалното и националното стопанство.
На седницата присуствуваа претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, како и претставници на локалните банки и компании.
Азески истакна неколку важни точки за подобрување на економскиот амбиент, вклучувајќи го законското решение за недела нереботен ден, т.е во недела треба да се работи, но и да се плати соодветно спрема законските регулативи.
Тој ја истакна потребата од рационализација на државната администрација за да стане вистински сервис на бизнисот и поддршка за извозните активности преку нова регулатива. Азески нагласи дека растот на платите во јавниот сектор треба да биде условен со растот на бруто-домашниот производ, додека парафискалните давачки на локално ниво мора да се регулираат исклучиво преку Собранието.
Присутните дискутираа и за инвестициите во инфраструктурата, со фокус на железничката линија кон Солун, како и за навремениот поврат на ДДВ и законските исплати за инвестиции. На состанок беа презентирани и условите за унгарскиот кредит, кој е потенцијален извор на финансиска поддршка за компаниите во регионот.
Претседателот на Регионалната комора поднесе извештај за активностите во изминатата година, потенцирајќи го значењето на Комората во поддршката на економскиот развој. Азески, пак, апелираше за унапредување на регионалната соработка и регионално поврзување и активност на регионалните комори за поголема активност на компаниите, особено од Источна Македонија.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Приватниот сектор е наш приоритет, поголема поддршка од буџетот и дополнителни 15 милијарди денари поволни средства со камата од 1,95%
Поддршка на приватниот сектор и реализација на инвестиции се приоритет во нашето работење. Најдобриот показател за тоа се бројките. Годината ќе ја завршиме со реализација на капитални инвестиции која ќе биде над 70% од планираното, а износот ќе биде над оној во 2022 година“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
„Поддршката на приватниот сектор во 2025 година е над 2,5 милијарди денари, за разлика од 2022 година била 1,4 милијарда денари, во 2023 година 2 милијарди денари. Во ТИРЗ исто така има поддршка од 2,5 милијарди денари. Бројките покажуваат дали повеќе се грижиме“, рече министерката.
Таа додаде дека дополнителна поддршка за приватниот сектор се обезбедените 15 милијарди денари со каматна стапка од 1,95% за што истакна дека Владата ги има објавено условите за користење на средствата од страна на крајните корисници – компаниите. Исто така посочи дека и кон општините се префрлаат средства врз основа на реализација.
„Нема да дозволам трансфери од буџетот како во минатото и ќе работиме со поинаква постапка. Средствата на општините ќе се префрлат по реализација. Исто така и средствата наменети за компаниите кон Развојната банка, а оттаму кон деловните банки ќе бидат префрлени парцијално. Ако има вистински инвестиции може да зборуваме за префрлање“, посочи министерката.
Таа рече дека и повратот на ДДВ се врши редовно и дека е во износ од над 2 милијарди денари на месечно ниво. „Онаму каде што имало проневера и е отворена постапка не може да се врши поврат“, наведе министерката и додаде дека се отворени постапки и по однос на други прашања.
Економија
Дурмиши: Турските инвестиции сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции во земјата, работиме на подобрување на деловната клима
Северна Македонија има одлични услови за привлекување на странски инвестиции и во Слободните економски зони каде што големи поволности се предвидени за странските инвеститори, но и надвор во зоните. Нашата стратегија е да постигнеме подобар економски развој не само на Република Северна Македонија, туку и на целиот регион, кажа министерот за економија и труд, Басар Дурмиши, на бизнис форумот и деловни средби меѓу Македонија и Турција кој што се одржа денеска во хотел „Хилтон“.
На бизнис форумот учествуваше и министерот за трговија на Турција Омер Болат кој е во еднодневна посета на Северна Македонија како и компании од Турција и Северна Македонија.
Министерот Дурмиши истакна дека Северна Македонија и Турција имаат одлична билатерална и трговска соработка која има простор да се зголеми во наредниот период.
„Турските инвестиции се едни од најбројните во земјата и сочинуваат 38% од вкупните странски инвестиции во земјава со околу две милјарди евра. Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата. Преку отворен и континуиран дијалог со бизнис заедницата сакаме да изградиме партнерски односи кои носат резултати.Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите сите компании кои работат во Северна Македонија и домашните и странските инвеститори имаат исти услови и можности за добивање поддршка од државата. Со концептот на воспоставување на Технолошките индустриски развојни зони привлечени се повеќе од 35 мултинационални производствени компании со глобално влијание„ кажа министерот Дурмиши и ги повика турските компании да инвестираат во земјава и да ги прошират своите инвестиции, а Владата ќе обезбеди најповолна бизнис клима за работа.