Македонија
Се воведува електронски занаетчиски регистар
Воведување електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци, се предвидува во новиот закон кој ќе ја уредува оваа дејност, а кој, како што појасни министерот за економија Беким Незири, при посетата на Старата скопска чаршија, е креиран согласно потребите на занаетчиите.
Воведување електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци, се предвидува во новиот закон кој ќе ја уредува оваа дејност, а кој, како што појасни министерот за економија Беким Незири, при посетата на Старата скопска чаршија, е креиран согласно потребите на занаетчиите.
„Со овој закон, партнерски со занаетчиското здружение, ги уредивме условите за вршење на занаетчиска дејност, а еден од новитетите во предлог законот е што конечно воведуваме електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци. Врз основа на овој регистар ќе можат да се креират реални и квалитетни политики за развој и поддршка на занаетчиството“, рече министерот Незири. Со цел решавање на проблемот со сивата економија, се воведува занаетчиска дозвола, која што на занатечиите ќе им овозможи да работат под еднакви услови на пазарот и ќе преставува гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност. „Во новиот предлог закон е воведено и чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења за изучување на определен занает, што е од суштинско значење за понатамошен развој на занаетчиството, а досега не било воопшто регулирано“, рече Незири. Претседателот на Здружението „Еснаф“, Муадеин Брава изрази задоволство од ангажираноста на министерот Незири при изготвувањето на овој предлог закон и вклученоста на комората со свои предлози во решението. „На наша иницијатива, а во насока на професионализација на оваа дејност, во предлог законот се воведе обврска за полагање на испит за проверка на знаењето во занаетчиската комора, за добивање на занаетчиска дозвола. Со ова се овозможува да се провери знаењето на занаетчиите кои вршеле самостојно занаетчиски дејности или биле вработени кај занаетчии на одредено време“, изјави Брава.Министерот Незири, во рамки на посетата на чаршијата оствари средба со дуќанџиите, чии 60-тина дуќани, во рамките на еден кварт од чаршијата, ќе бидат унифицирани како дел од проектот на Министерството за економија и Општина Чаир, а го посети и Здружението на пазарџии, со цел да им ја претстави нацрт верзијата на Законот за зелени пазари, во чија подготовка се вклучени сите релевантни државни институции, но и Стопанската комора, Групацијата на пазари и Централниот регистар, со цел транспарентност и партнерски однос со инволвираните страни.
Министерот Незири појасни дека станува збор за комплексен закон, со кој конечно ќе се регулира правниот статус на физичките лица кои ќе продаваат на зелените пазари определени производи, што ќе овозможи тие да добијат правна рамка и да не се дел од сивата економија во државата. Според претставниците од Здружението на пазарџии, со ова законско решение, на задоволство на сите, се поставува ред во работењето и во овој сегмент од економијата, со што ќе се придонесе кон правно, регулирано и законско работење, во интерес и на трговците-пазарџии и на купувачите./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

