Македонија
ДИК, без опозицијата, гласаше дека се исполнети условите за избори на 5-ти јуни
Со шест гласа „за“ но во отсуство на членовите на опозицијата делигирани од СДСМ, Државната изборна комисија (ДИК) во петокот вечерта донесе одлука дека се исполнети сите услови за одржување на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни.
Државната изборна комисија извести дека го усвоила Извештајот за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки заради ажурирање и заклучи дека е подготвена за изборите на 5 јуни.
Меѓутоа, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, и двајца членови на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Горан Милев, претходно ја напуштија седницата и не гласаа за извештајот, изрзувајќи го несогласувањето со другите членови дека постојат технички услови за одржувањето на изборите.
На почетокот од попладневната седница на Државната изборна комисија беше истакнато дека членовите на ДИК имале состанок со амбасадорите (на ЕУ) Аиво Орав и (на САД) Џес Бејли кои побарале од нив концизно да се изјаснат дали постојат услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, како што инсистираат трите од четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, односно владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и најголемата опозициска партија на Албанците во Македонија – ДПА.
Малку претходно челникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, потврди дека неговата партија останува на одлуката дека не се создадени услови за фер и транспарентни избори на 5-ти јуни, и сходно на тоа нема да учествува доколку тие се одржат.
Претходно, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за дописникот на МИА од Брисел по повод денешното распишување на изборите во Македонија за 5 јуни од страна на претседателот на Собранието Трајко Вељановски, посочи дека „ЕУ ја изрази својата позиција јасно, преку изјави од страна на високата претставничка Федерика Могерини, комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, како и преку европратениците и амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје и нивните колеги од земјитечленки на Унијата“.
„Последните случувања фрлаат сомнеж во врска со можноста за обезбедување услови за веродостојни избори. Ги повикуваме сите заинтересирани страни и политичките партии да продолжат да работат заедно за да се обезбедат услови за веродостојни избори, во интерес на земјата и нејзините граѓани. Ова вклучува завршување на прочистувањето на Избирачкиот список, балансирано известување на медиумите и истрага, односно казнување на сите пријавени за заплашување на гласачите. Ние ќе продолжиме да го следиме ова одблиску со меѓународните партнери како што е ОДИХР и ќе продолжиме да ја истакнуваме секоја загриженост што ја имаме, рече портпаролката Коцијанчич за МИА.
Истовремено, таа уште порача дека Брисел очекува прекинување на насилствата во Македонија, забележани изминатите два дена по одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува 56-те лица од власта и од опозицијата инволвирани во скандалот со прислушуваните телефонски разговори
„Ги повикуваме сите граѓани и сите партии да учествуваат во демократските процеси на ненасилен начин. Оваа криза може да се реши со политички средства и со враќање на масата за дијалог“, ја соопшти Коцијанчич пораката на ЕУ до Македонија, пренесен МИА./крај/мф/сн.
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

