Македонија
СЈО: ЈО не одговара на нашите барања за меѓуинституционална соработка
Специјалното јавно обвинителство во соопштение до јавноста реагира на соработката со Јавното обвинителство и забележува дека иако ова Обвинителство им ги доставило сите податоци коишто можат да придонесат за расветлување на смртта на Коста Крпач, Јавното обвинителство не доставува никакви податоци за нивните барања за меѓуинституционална соработка.
„Иако ние го прифативме барањето за меѓуинституционална соработка и во целост соработуваме со Основното јавно обвинителство Скопје, за жал од нивна страна отсуствува ваков однос на целосна и професионална соработка. Повторно укажуваме дека иако до Основното јавно обвинителство Скопје имаме испратено барања за меѓуинституционална соработка, до сега немаме добиено никакви податоци по повод нашите барања и не ни се доставени копии од казнените списи кои сме ги побарале, иако член 81 од ЗКП јасно го предвидува ова право. Истовремено Ве известуваме дека согласно член 9 став 9 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, сите тела за спроведување на закони, согласно Законот за кривична постапка, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поради што очекуваме во иднина Основното јавно обвинителство Скопје да постапува во целост согласно споменатите законски одредби“, се вели во соопштението од Специјалното обвинителство.Од друга страна, Специјалното обвинителство доставило допис до Јавното обвинителство со кој сподели податоци кои можат да придонесат во расчистување на околностите под кои настапила смртта на лицето Коста Крпач. „Сепак, информациите и списите кои беа барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на лицето Коста Крпач, не се споделени со Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи истите се дел од предистражна постапка пред ова Јавно обвинителство која е во тек“, се додава во соопштението./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска Давкова: Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино
Гордана Силјановска-Давкова порача од Струмица дека ќе се вивне политичкиот вулкан како отпор на феудалните енклави на замислените европјани.
„Во Струмица се чувствувам особено добро бидејќи знам дека оттука ќе тргне тој политички вулкан што ќе стави крај на последната феудална енклава во Македонија. Таа енклава ја нареков феудот на Заеви што ќе се распадне! Замислете, „заколнати“ самонаречени европјани мислат дека со рефудализација ќе стигнат во ЕУ. Неверојатно нешто! Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино“, вели Силјановска-Давкова.
Како што цели, во дебата, квази дебата на давеник што се фаќа за сламка, била прашана како може да не го употребува името „северна“, и дека го кршела Уставот.
„ Му објаснив дека правото на самоопределување е колективно право и дека Македонија истото го искористи уште на АСНОМ. Но и дека секој од нас има право на индивидуално самоопределување и дека никој, никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името Македонија. Замислете, во една емисија, во еден изборен циклус, не знаете кој е кој, не знаете со кого разговарате, бидејќи господинот Пендаровски неколку пати го негира она што го кажал. Во една изјава сум одличен професор, меѓународно признат експерт, дека сум имала висока морална вертикала. Па после вика не, јас мислев на висока морална вертикала во однос на Уставниот суд. Пазете, луѓево имаат по десет морални вертикали. Еднаш за Уставниот суд, еднаш за Собрание, еднаш за претседател… Неверојатен конгломерат. Како тогаш очекувате став од ваквите луѓе? Како очекувате да опстојат?“, додава Силјановска-Давкова.
Македонија
Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС, со распределбата на ваучерите направен милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Милионерот Дарко Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на Агенциојата за млади и спорт, АМС, со распределбата на ваучерите направен е милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Каевски како директор на АМС, неговиот наследник Наумче Мојсовски и Даниел Димевски од МОК се гонат заради сомнежи дека како директори на Агенцијата, но и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и луѓето што имале законско право на тие пари, а не им биле доделени“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, во предметот на Државната комисија за спречување на корупцијата, врз основа на кој, како што известија медиумите, е поднесена пријавата и отпочната постапката се присутни сомневања дека спортските федерации, клубовите и спортистите добиваа ваучери, а одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување.
„Сега е повеќе од јасно зошти Каевски беше најжесток гласноговорник на СДС, повеќе од очигледно е дека интересот му бил голем. По оваа афера станува јасно зошто спортот во Македонија во последните 7 години е на историско најниско ниво. Наместо за развој на спортот, парите наменети за истиот се пренасочувани во криминални шеми, додаваат од партијата.
Македонија
Битиќи и кандидатите од ИЕ2: Со повисоки плати правично го вреднуваме трудот на работниците
„На овој Ден на трудот, но и во останатите 364 дена во годината ние сме рамо до рамо со вас. Вреднувањето на работникот е главен постулат на социјалдемократските вредности за кои и се боревме овие седум години. Достоинствен живот за секој работник и работничка во нашата Македонија“, вели во видео обраќањето Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, по повод 1-ви мај – Денот на трудот.
Во празничното обраќање Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2 (Марко Михаиловски, Анета Здравковска, Билјана Муиќ) кажуваат дека обезбедено е трудот не само да се цени, туку и правично да биде награден.
„Заеднички ја браневме нашата заедничка социјална кауза. Како Влада дадовме приоритет на растот на платите во сите сектори подеднакво, затоа што тоа е најважно за поттикнување на правичен социо-економски развој. Успеавме просечната плата двојно да ја зголемиме од 2016 година на речиси 40.000 денари“, кажуваат кандидатите, притоа потсетувајќи дека минималната плата од 10.000 денари во 2016 година, во март 2024 година изнесува 22.500 денари, што е зголемување од 125 проценти.
„Ние се погриживме животниот стандард да остане не само недопрен, туку и подобрен во услови на инфлација“, велат кандидатите и кандидатките и нагласуваат дека овој раст не е случаен, туку дека тоа е резултат на намерна политика насочена кон подигнување и заштита на животниот стандард на работниците и работничките, политика на системски решенија.
„Нашата посветеност на социјалдемократијата обезбеди растот на платите да е изолиран од партиски интереси. Трудот никогаш повеќе нема да биде пион во политичките игри, а ние цврсто стоиме да ги заштитиме правата на сите работници и работнички без оглед на етничка, религиска или партиска определба. Честит нека е денот на трудот“, вели Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2.