Македонија
Мајка Тереза ќе биде прогласена за света, во Ватикан и бројна делегација од Македонија
Македонската државна и црковна делегација на плоштадот Свети Петар во Ватикан ќе присуствува во неделата на церемонија на која поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица. Како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија, Македонија, заедно со Албанија и Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост, а по повод прогласувањето на скопјанката Мајка Тереза за светица, од 4 до 11 септември во Скопје ќе се одржи Татковинската прослава „Денови на св. Мајка Тереза“.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неделата ќе ја предводи македонската државна, во чиј состав ќе бидат и претставници на водечките државни институции и политички партии, како и црковна делегација, која ќе присуствува на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза. Во неделата вечерта, македонскиот претседател ќе присуствува и на свеченото отворање на изложбата на фотографии и текстови поврзани со животот и делото на Мајка Тереза „Madre Teresa – Santa di Skopje, Santa del mondo“ во црквата „Свети Станислав“.
На свеченоста, покрај македонскиот претседател, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски и министерот за култура, Елизабета Канческа Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на фамилијата на Мајка Тереза. Претседателот Иванов како предводник на македонската државно–црковна делегација на свеченоста во Ватикан, по повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, ги покани и лидерите на четирите најголеми политички партии, ВМРО–ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да присуствуваат на овој историски чин за нашата држава. Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети. Во писмата упатени до лидерите на партиите, претседателот Иванов истакна дека канонизацијата на Мајка Тереза е настан што сите нас треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во нашиот политички противник. „Како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики и меѓусебно да се почитуваме. Сметам дека ова е одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство“, стои во писмото од претседателот Иванов до лидерите на четирите партии. Претседателот Иванов во писмата до политичките лидери истакнува дека канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот и крајно време е да нè обедини и нас. На канонизацијата на Мајка Тереза се очекува присуство на многубројни верници и високи гости од целиот свет. Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост. Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква. Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква. Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот „Свети Петар“ во 2003-та година, на која присуствуваа над 300.000 верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и македонска делегација, предводена од покојниот претседател Борис Трајковски. Мајка Тереза, добитничката на Нобеловата награда за мир и една од највлијателните жени на католичката црква, в недела, 19 години по смртта, ќе биде прогласена за светица. Македонија во последните неколку години оддава значително внимание на ликот и делото на Мајка Тереза како лик кој обединува и се направија многу чекори за нејзина популаризација. Мајка Тереза апочина на 5-ти септември 1997 година, во 87 година од животот. Нобеловата награда за мир ја доби 1979 година, поради нејзината хуманитарна работа. Родена е на 26 август 1910 како Агнес Гонџа Бојаџиу во Скопје. Името Мајка Тереза го носи од 18-та година. Во Индија, преу Даблин каде што кусо се задржува во манастирот на Лоретските сестри, се преселила на 19 години, во 1929 година, а во 1946 го основа редот „Мисионерките на милосрдието“ кој сега во над 130 земји обединува 4.500 сестри. Половина век мајка Тереза во Калкута и во други делови на светот им помагаше на болните, сиромашните, сираците. Државјанка на Индија е од 1951 година. Папата ќе ја прогласи за светица откако Ватикан призна две нејзини чуда, и двете поврзани со излекување на болни, едното едно во Индија, кое некои скептици го оспоруваат, а другот0 во Бразил. Кон крајот на 2002 година комисијата на Ватикан призна дека една жена од Индија која имала тумор на стомакот, оздравела откако и се молела на мајка Тереза. Минатата 2015 година во декември признаено е другото нејзино чудо, заздравувањето на Бразилец кој во 2008 година се опоравил од тешка инфекција на мозокот. Се очекува тој Бразилец со сопругата да присуствува на прогласувањето на мајка Тереза за светица. Кога ја примаше Нобеловата награда за мир, Мајка Тереза изјави „Не сум достојна“. „Мала по раст, голема во верата, на мајка Тереза ѝ е доверена мисијата на ширење на божјата љубов кон човештвото, посебно за најсиромашните. Канонизацијата е можност да се угледаме на хероината на христијанството и извонреден пример на христијанскиот живот“, објави Ватикан. Последните неколку години во Македонија се оддава значително внимание на ликот и делото на Мајка Тереза. Се направија многу чекори за нејзина популаризација како изградба на спомен куќата, автопатот од Скопје до Струга и границата со Албанија се именуваше по нејзиното име, главниот клинички центар во земјата исто така го носи нејзиното име, се снимаше докумнетрарен филм за нејзиниот лик и дело, како и низа други чекори. Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопке е направена во чест на животот и делото на единствената нобеловка од Македонија. Локацијата не случајно е одбрана бидејќи на таа локација порано се наоѓала црквата во која Мајка Тереза е крстена. Во музејот се изложени слики и експонати од најпознатата хуманитарка, а најгоре е направена капела каде верниците можат да присуствуваат на миса. Секојдневно доаѓаат многу туристи. Во центарот на Скопје се гради скулптирална композиција на Мајка Тереза и сестрите која ќе биде следна атракција за туристите во Скопје и Македонија.
Автопатот од Скопје до Струга и границата со Албанија се именуваше по нејзиното име, вклучувајќи ја и обиколницата околу Скопје. Владата уште во 2013-та година одлучи Коридорот 8 да се именува според големата хуманитарка и нобеловка. Коридорот 8 ја поврзува Македонија со Албанија и Бугарија (Струга-Охрид-Кичево-Тетово-Скопје-Куманово-Крива Паланка). Главниот клинички центар во државата се крсти комплекс клиники „Мајка Тереза“. Дополнително, еден од главните булевари, Водњанска, се именуваше Мајка Тереза. Исто така, се снимаше документарен филм за Мајка Тереза во режија Теона Митевска, а државата даде поддршка на поголем број книги и монографии за неа. Се поставија повеќе од 40 табли на многу објекти/згради низ Скопје на кои се испишани нејзини мисли, на македонски и англиски, се именуваше плоштадот пред платото на МОБ по нејзиното име, нејзиниот споменик е вметнат и во спотот за Скопје кој оди неколку години на светски познатата телевизиска мрежа СНН, мостот кај МАНУ беше именуван Мајка Тереза. Исто така, по нејзиното име беа именувани и повеќе спортски објекти во Аеродром, Теарце, Тетово./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

