Македонија
Откажана средбата на ЕУ со невладините, „Шарената револуција“ не сака да седне на маса со ГДОМ

Делегацијата на ЕУ го откажа денешниот консултативниот состанок на граѓанските организации и движења и претставниците на амбасадите на државите-членки на ЕУ во Македонија по притисокот од организациите кои не се согласија да седнат на иста маса со ГДОМ, соопштија денеска граѓанските организации.
„Во име на организациите и движењата кои стојат зад ова обраќање ве информираме дека донесовме одлука да не учествуваме на консултациите со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и со амбасадорите на државите-членки на ЕУ во Македонија, на кои се поканети и претставници на таканареченото движење ГДОМ кои отворено шират омраза и поттикнуваат насилство“, стои во соопштението.Од делегацијата на Европската унија соопштија дека средбата ја откажуваат поради безбедносни причини.„Вратите на ЕУ остануваат отворени за граѓанскиот сектор, некои ја прифатија нашата покана некои не, но за жал средбата сме принудени да ја откажеме од безбедносни причини“, соопштија од Делегацијата. Граѓанските организации велат дека целосно ги поддржуваат напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Сепак, според нив тоа не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации.„Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата“, се вели во соопштението.Според граѓанските организации и движења, вклучувањето и уважувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влоши состојбата во државата. Тие напомнуваат дека ГДОМ е директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓанските групи.На крајот од соопштението се наведува дека граѓанските организации и здруженија стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или, пак, преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања./крај/мф/
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на ОАЕ, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
Пренесувајќи ѝ поздрав од претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, амбасадорот истакна дека во неговата работа ќе се фокусира на одржување на добрите политички односи, како и проширување и продлабочување на односите во другите сфери.
Сиљановска-Давкова рече дека чинот на предавање акредитиви е почеток на ново поглавје во зацврстувањето и натамошното унапредување на пријателските односи, коишто двете земји ги негуваат три децении. Таа го нагласи интересот за интензивирање на соработката на економски, трговски и инвестициски план и изрази верба дека бизнисмените и претприемачите од ОАЕ ќе ги искористат погодностите за инвестирање коишто македонската Влада им ги нуди на странските инвеститори. Подеднакво важна, според неа, е и соработката во: образованието, науката, културата, здравството, туризмот и земјоделството, како и контактите меѓу бизнис заедниците и стопанските комори.
Разговарајќи за меѓусебната трговска размена и директните инвестиции на Емиратите коишто во 2023-та година изнесувале 3,11 милиони долари, Сиљановска-Давкова рече дека економските односи не соодветствуваат на одличните политички релации и двете земји треба да работат на нивно хармонизирање.
На средбата, соговорниците се согласија дека преку отворање на амбасада на Емиратите во нашата држава, а која би опфатила и неколку земји од регионот, институционално ќе се подобри амбиентот за соработка.
Посакувајќи му успешно извршување на престижната и одговорна амбасадорска функција, преку него претседателката упати покана до претседателот на Емиратите и владетелот на Абу Даби, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан да ја посети земјава.
Македонија
Одиме во опозиција, доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму, соопшти Таравари

Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години и за тоа сме многу гроди, изјави лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари откако вечерва во централното седиште во Тетово беше одржан состанок со највисоките раководни органи на партијата.
„Но промените што ги ветивме за жал не ги испорачавме. И за тоа секојдневно граѓаните не критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со „Вреди“ се обидувавме околу шест недели да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници. Но не успеавме во тоа и денеска констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму. Едноставно подобро е да бидеме надвор и да се вратиме кај граѓанинот“.
Таравари потенцира дека има огромно незадоволство од Албанците за тоа како владее „Вреди“ во оваа Влада. Основните незадоволства како што посочи се околу Законот за правична застапеност.
Албанците се жалат, додаде Таравари дека третманот на тие што се вработени во администрацијата е полош од порано, што како што рече, нив искрено ги загрижува.
„Многу ни е битен и европскиот пат на Македонија. Мислам дека ова ќе биде тежок период за Македонија. Многу е битно да бидеме што поскоро дел од ЕУ. Така што, не ни преостанува ништо друго освен да кажеме дека одиме во опозиција и во октомври се враќаме со мошне добри резултати на локалните избори“, нагласи Таравари.
Македонија
Муцунски во посета на болницата во Стокхолм, каде беа хоспитализирани македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани

Во рамки на дводневната работна посета на Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ја посети универзитетската болница „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани четворица пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Во текот на посетата, министерот оствари средба со раководството на болницата, при што беа презентирани капацитетите, ресурсите и експертизата со кои располага оваа реномирана здравствена установа, која во 2025 година беше рангирана како петта најдобра болница во светот.
Муцунски изрази искрена благодарност до целиот медицински персонал за солидарноста, високото ниво на грижа, стручност и професионалност.
„Имавме одлична можност прво да се заблагодариме на директорот на болницата, на докторите и медицинските сестри кои што работеле со нашите пациенти, но исто така да ја искористиме оваа посета за да извлечеме искуства и дополнителен мотив за соработка,“ изјави Муцунски.
Во рамки на разговорите се отвори и прашањето за можностите за воспоставување институционална соработка помеѓу македонското и шведското здравство, со акцент на размена на искуства, експертиза и поддршка.
„Разговаравме за понатамошна соработка помеѓу нашите медицински центри и нашите здравствени власти со Медицинскиот центар ‘Каролинска’, и тоа во многу конкретни области. Останува да ги пренесеме тие контакти и можности до институциите во Скопје и заедно со колегите да почнеме поактивно да ја развиваме таа соработка во делот на здравството,“ додаде министерот во својата изјава.