Македонија
Одржана дебата за влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата

Ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и одржлив раст на домашната градежна индустрија.
Ова е една од клучните заложби на учесниците на конференцијата „Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“, организирана од Цементарница УСЈЕ, во функција на обележување на 60-годишнината од почетокот со работа.
„Градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата. Поради ваквото нејзино значење, добро е што оваа гранка од индустријата се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали. Во насока на континуирано креирање на поволен амбиент за натамошен развој на оваа гранка, Министерството за економија подготви нов Закон за градежните производи, кој е усогласен со новите регулативи во законодавството на ЕУ и ќе придонесе во поедноставување на административните постапки, скратување на времето потребно за добивање на именување на телата и е во функција на зголемена ефикасност за контрола и сузбивање на сите технички и трговски бариери во оваа област. Сите овие аспекти, верувам дека ќе придонесат за понатамошен раст и развој на градежната индустрија“, изјави министерот за економија Беким Незири.
Претставниците од институциите, стручните и научни организации и тела од областа на градежништвото, како и градежни компании кои земаа учество на конференцијата, презентираа податоци и стручни анализи кои јасно потврдуваат дека градежните материјали кои се произведуваат во Македонија, меѓу кои и цементот, се со висок квалитет.
„Во Република Македонија се донесени сите стандарди за квалитет за индустријата за градежни материјали и тие се дел од се законската регулатива на земјата, која во голем дел е усогласена со законодавството на ЕУ“, децидeн е проф. д-р Тони Арангелевски од Градежниот факултет и член на Техничкиот комитет ТК 25 во Институтот за стандардизација.
„Цементарница УСЈЕ во континуитет вложува обемни средства, знаење и иновации во обезбедување на висок квалитет на своите производи. Тоа е нашата клучна стратешка определба за која имаме целокупна поддршка од нашата групација ТИТАН, преку која ни се на располагање искуствата и најновите светски индустриски трендови, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ, искажувајќи посебна благодарност до сите институции и стручни тела надлежни за контрола на квалитетот на градежните материјали во земјата, за досегашната соработка во областа на обезбедување на посакуваното ниво на квалитет на постојните и развој на нови производи.
Учесниците на конференцијата ја поздравија иницијативата на УЈСЕ за ваков вид дијалог меѓу бизнис секторот, институциите и стручната јавност и се заложија за негово продолжување и продлабочување во функција на поуспешно следење и примена на современите трендови, но и во изнаоѓање ефикасни решенија за предизвиците кои можат да ги нарушат перспективите за натамошен развој на домашната градежна индустрија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.
Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.