Македонија
ДИК ги исчистил само починатите од Избирачкиот список
Само починатите лица, кои биле во Избирачкиот список, а ги имало од 2012 година, сигурно ќе бидат избришани од списокот, додека за останатите гласачи, кои подлежеа на повеќе проверки во последниов период од Државната изборна комисија (ДИК), па дури и теренската проверка, членовите на комисијата не знаат како ќе ги прочистат.
Според изборниот законик, кога ќе се распушти Собранието, а тоа во случајов е вечерва, на 6-ти април, ако изборите се закажат за 5-ти јуни, следниот ден Министерството за внатрешни работи треба да достави Избирачки список до ДИК, па соодветно на тоа, членовите на ДИК од редовите на СДСМ, се прашуваа кога ќе бидат внесени податоците од извршените проверки.Укажаа и на тоа дека, од нешто повеќе од 87.000 граѓани кои беа проверувани теренски, внесени се податоците за околу 77.000, а 10.000 се внесуваат, но и тие што се внесени, не се обработени за да се види дали се спорни или треба да се проверуваат во базите на МВР или во Управата за матични книги. Дополнително, членот на ДИК, Игор Милев, рече дека околу 37.000 од тие 77.000 внесени, не биле најдени дома, а 6.000 барања на граѓани стигнати по електронски пат не се воопшто разгледани од ДИК. Рече дека треба да се очекува, дека тие 37.000 нема ни да се јават во подрачните канцеларии на ДИК, затоа што веќе пропуштиле еден рок за тоа да го сторат, а и да дојдат, нивните податоци, можеби ќе треба дополнително да се проверуваат, за што исто така, треба време. Тој праша и што со оние 523 гласачи, кои во евиденцијата на Избирачкиот список, се јавуваат со непостоечка адреса, и кои реално немало како да се проверат теренски. Посочи и дека поднесено е барање за 144 лица кои дополнително треба да се проверуваат. Виолета Дума, исто како и Милев во ДИК ги застапува интересите на опозициската СДСМ, смета дека во голема мера податоците се сé уште непроверени, а смета дека само починатите лица ќе бидат соодветно избришани, додека она што ДИК го изработи последните денови нема да биде внесено во Избирачкиот список. Силвана Бонева, од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, пак, рече дека е многу задоволна од чистотата на списокот и од сработеното во изминатиот период. Таа предложи, она за што претходно на 19-ти март гласаше против, сега да се сработи. Односно, предложи МВР да ги провери 124.000 граѓани за кои постои сомнение дека се на привремена работа во странство, затоа што, како што рече, увидела дека проверката електрониски оди многу брзо, па ИТ експертите тоа би го направиле и за еден ден, но таа предложи на МВР да му се даде три дена за тоа. Предложи и повторно, иако ДИК доби времена мерка за забрана за објавување на податоците на граѓаните од Избирачкиот список да бидат објавени на веб страната на ДИК, оние граѓани кои теренски не биле пронајдени дома, да се стават на списокот за неконзистенстни податоци и да се објават без адреси, само со име и презиме, за да се јавеле во канцелариите на ДИК за проверка.Членовите од редовите на СДСМ и забележаа дека тоа не е можно, во првиот случај затоа што се тоа премногу гласачи за проверка, а во вториот случај, ја прашаа дали сака повторно да добијат предупредување со времена мерка.Инаку, во МВР во моментот се проверуваат податоци за 68.968 гласачи кои имаат само пасош, а тие проверки се завршени во 12 отсто, како и за лица кои имаат поднесено барања за лични карти, а од 41.863 барања, обработени се 19 отсто.Според проверките и вкрстувањето на базите на податоци, најдено е и едно лице кое има два матични броја, за што Милев изрази сомнеж дека може да има и повеќе такви случаи, ако се почекаат резултатите од теренската проверка. Сепак, сомнежите за ова лице се дека можеби се селел додека Македонија беше во рамки на СФРЈ и по барање за државјантво подоцна, добил нов матичен број.Седницата почна во 11 часот и се уште трае, а расправата меѓу членовите на ДИК е жестока./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

