Македонија
Месото и млекото од заболените говеда со чвореста кожа не се опасни

Месото и млекото од говедата заболени од болеста чвореста кожа не се опасни за човечка употреба, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство од каде испратија препораки за заштита од болеста до сточарите.
Болеста е вирусно заболување, не е зооноза и не постои ризик по здравјето на луѓето. Забраната за употреба на млеко и месо од заболени животни е воведена како мерка само за да се спречи ширењето на болеста меѓу говедата.Заболувањето предизвикува висока телесна температура кај животните – (до 410 C ), појава на чворести промени на кожата, пад на млечноста, исцедок од носот, очите и појава на абортуси кај гравидните животни.Болеста се пренесува преку инсекти (комарци и шталски муви), директно преку контакт на заболено со здраво животно, индиректно преку заразена храна, вода, измет, заразени материјали опрема и друго.Од Агенцијата препорачуваат сточарите да ги држат говедата затворени во штала, да не се пуштаат на паша, не ги мешајте со говеда од соседните и други одгледувалишта, на шталата/објектот да стават заштита од инсекти и редовно да вршат дезинсекција и дезинфекција, да ги заштитат животните од убоди од инсекти, да користат средства против инсекти (репеленти) кои се регистрирани во Република Македонија и во согласност со упатството на производителот, а репелентите по можност да немаат каренца за млекото и месото.Според биосигурносните мерки кои теба да се спроведат на одгледувалиштата се, фармата да има само еден влез и еден излез, да се постави знак за предупредување /забранет влез/, дезинфицирајте ги чевлите и рацете при влез и излез од одгледувалиштето/фармата, да се постават дезинфекциони бариери на влезот и излезот на одгледувалиштето/фармата како и на влезот и излезот на секој објект, да се користи заштитна облека при работа и истата треба редовно да се чисти и дезинфицира, да се изолираат болните од здравите животни, по можност во посебна просторија, работниците кои работат со болни животни да немаат пристап до здравите животни на фармата, редовно да се чисти изметот од објектите и соодветно да се отстранува, да се врши дезинфекција на возилата при влез и излез од одгледувалиштето/фармата, правилно да се складира и да се чува храната и водата на одгледувалиштето/фармата и да се постават мрежи против инсекти на прозорците, вратите, отворите за вентилација.„Ги повикуваме сточарите за секоја дилема во врска со болеста да се обратат во Агенцијата на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected]“, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денес во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Утринската темература ќе се движи од 9 до 19 степени, а дневната ќе достигне до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.Температурата ќе достигне до 30 степени.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.
Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.