Македонија
Мијалков побара Иванов да ги повлече одлуките кои се однесуваат на него

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, убеден е во добрата намера на претседателот Ѓорге Иванов, но го повикува да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на него.
„Знам дека сум работел чесно и совесно во интерес на безбедноста на граѓаните и на мојата земја. Постапките кои СЈО ги покрена или има намера да ги покрене против мене, немаат никаква правна основа и единствено се базираат на политички нарачан прогон спротивен на Уставот и законите, вели Мијалков за Press24.
Поранешниот директор на УБК додава дека не сторил ништо незаконско и затоа смета дека со одлуката на претседателот граѓаните нема да имаат можност до крај да се уверат во сценариото кое било подготвувано со единствена цел да бидат политички оцрнети влијателни личности од ВМРО ДПМНЕ.
„Убеден сум дека Претседателот Иванов имал најдобри намери, но во мое лично име го повикувам да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на мене“, бара Мијалков.
Претседателот Иванов и покрај барањата и протестите да се укине оваа одлука, во петок изјави дека ја донел за да стави крај на кризата која предолго трае во Македонија и за сите партии да бидат како што вели, растоварени пред изборите. Тој вчера рече дека нема намера да ја повлече донесената одлука, но ги повика сите засегнати лично да достават писмено барање до него за повлекување на одлуката, а тој со правен тим ќе ги разгледа можностите.
Такво барање, во петок попладне, испрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Над 600 луѓе дарувале крв за еден ден во Бугарија за повредените во кочанската трагедија

Нема значителна промена во општата состојба на пациентите од Македонија примени на лекување во Пирогов, Воено-медицинската академија во Варна и болницата „Свети Ѓорѓи“ во Пловдив. Но, бранот на емпатија што Бугарите го изразуваат кон пациентите од трагичниот инцидент во Кочани не стивнува ниту во овој момент. Само вчера – вторник над 600 волонтери даруваа крв за повредените кои се лекуваат во Бугарија, објави БГНЕС.
Најголем број крводарители имало во Националниот центар за трансфузиона хематологија, каде желба да им помогнат на пациентите од трагичниот инцидент во Кочани изразиле 218 лица.
Дел од донаторите со автобуси на Националниот центар за проучување на трансфузија на крв од Универзитетската болница Н.И.Пирогов, каде што беше отворена мобилна станица, беа пренесени до Центарот за крв на ул. „Браќа Миладиновци“. Уште 68 луѓе даруваа крв на лице место во болницата за итна помош. На ВМА има 109 крводарители.
Во Регионалниот центар за трансфузиона хематологија (РЦТХ) во Пловдив вчера се појавија 112 волонтери. 68 даруваа крв во Регионалниот центар за трансфузија на крв во Варна, 35 во Регионалниот центар за трансфузија на крв во Плевен и 14 во Регионалниот центар за трансфузија на крв Стара Загора.
Во Универзитетската болница и медицинскиот центар Н.И.Пирогов се сместени вкупно 9 лица, од кои двајца се екстубирани, а едно е на маска за кислород. Останатите пациенти и понатаму се на механичка вентилација.
Состојбата на преостанатите пациенти примени во болницата во Варна при ВМА и Универзитетската болница „Свети Џорџ“ – Пловдив и понатаму е сериозна, но стабилна.
Македонија
Палчо си запали цигара откако ја закопавме Вања, ја чистеше лопатата за да прикрие траги, сведочеше Манев

Koга завршивме со закопувањето на Вања, Љупчо Палевски ладнокрвно запали цигара и си го отвори телефонот за да види што има на Интернет. Тогаш кажа дека се дигнала врева и се бара Вања, продолжи со сведочењето, Велибор Маневна рочиштето за двојното убиство на Вања и Панче.
„Единствено преместување на телото е кога го стававме во дупката. Ја копавме околу 20 минути. За тоа време, не го мрдавме телото на Вања, сè додека не го ставивме внатре. Пред да го преместиме, беше во вреќа, која ја извади и фрли во колата на Жежовски. Лопатите ги фрливме по пат, кога одевме кон Глумово, со колата на Панче. Лопатата, пред да ја фрли, Палевски ја чистеше. И рачката и металот ги прскаше со ВД-40 за да се скријат трагите. Подзастанаа и Кешишев ги фрли алатите во долот“ рече Манев.
Обвинетиот Манев и денес раскажуваше дека Палевски две недели ја следел потенцијалната жртва за грабнување, висока жена со долга коса, многу слична на Вања Ѓорчевска, освен во годините. Таа живеела во истата зграда, била ќерка на богат фармацевт и имала четириесетина години. Тој тврди дека по два неуспешни обиди, грабнале погрешна личност.
На рочиштето Манев рече и дека Палевски ја одлепил траката од устата на Вања Ѓорчевска, ја сликал со вперен пиштол, а откако ја убил, го спакувал пиштолот, заедно со трите мотороли и наредел на свој послушник да го уништи пакетот.
Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска во судницата на Кривичниот суд стана и го праша Велибор Манев – „Зошто ми го убивте детето?“. На тоа доби одговор: „Не можам да одговорам, тоа треба да го прашате Љупчо Палевски“.
Во врска со тоа дали некој од нив се слушнал со родителите на Вања, бидејќи таа им ги дала нивните телефонски броеви, тој одговори дека тој лично не, а за другите не знае. Прашан и зошто не испратиле слики за откуп, рече дека тоа е прашање за Палевски.
Македонија
Toшковски: Благодарност до граѓаните за достоинственото искажување на почит, а правдата и одговорноста ќе ги стигне сите виновници

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изрази голема благодарност до граѓаните низ целата држава за достоинствено оддавање почит на жртвите, на протестите кои се одржаа во голем број градови во државата.
„Ова покажа дека како општество знаеме да ја споделиме болката со почит и солидарност. Во вакви трагични моменти, гневот и болката се оправдани, но морам да напоменам да внимаваме тие да не бидат инструментализирани. Одговорноста за оваа трагедија ќе ја бараме преку институционални процеси, а не преку сценарија кои можат да ја продлабочат кризата и да не оддалечат од вистината“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски потенцираше дека е јасно дека сите граѓаните се за правдата да излезе конечно еднаш на виделина и да има целосна одговорност за случајот.
„Клучно е таа да дојде преку институционални и правни механизми, а не преку емоции кои определени структури можеби би сакале да ги искористат во насока која не и служи ниту на вистината, ниту на најблиските на жртвите“, рече Тошковски.