Македонија
Заев ќе бара укинување на аболицијата во Стразбур
Лидерот на опозициската СДСМ, и другите обвинети во случајот „Пуч“, ќе бараат од Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур да ја укине аболицијата за нив и да добијат право на правично судење.
Заев и другите обвинети во процесот „Пуч“ дојдоа во вторник во Основниот суд Скопје 1, но судењето за случајот „Пуч“ коешто беше закажано за денеска не се одржа по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува политичари и нивни соработници, меѓу кои и обвинетите во случајот „Пуч“. Со овој акт на претседателот се запираат сите процеси и судења за аболицираните. Сепак ,обвинетите во овој случај поднеле жалби до Апелација, а ако Апелациониот суд ги одбие нивните жалби ќе бараат правично судење во Стразбур.„Ние од опозицијата поднесовме жалби на овие постапки кои се резултат на незаконската и неуставна аболиција од Иванов која сама по себе претставува преседан да се аболицира сведок, да се аболицира странски државјанин и мал милион други глупости во самиот акт. Правото на правично судење го продолжуваме преку Апелација се до Стразбур користејќи ги членот шест од Европската конвенција коешто најверојатно ќе биде само по себе и преседан, да има вакви процеси во Стразбур некој да е аболициран и да бара тоа да се укине за да добие право на правично судење. Не се откажуваме од правдата, во Македонија мора да ја врати правната држава“, изјави Заев.Жалбите до Апелација се поднесени, но се уште нема одговор. Заев вели дека со аболицијата „се изедначуваат жртвите и злосторниците“ во општеството.„Сé уште нема одговор од Апелација. Жалбите се поднесени на моето решение, решението на Верушевски, решението на г-ѓа Верушевска и на сите кои сме вклучени во овој срамен процес на „Пуч“ , а секако и по другите предмети кои се водат против нас. Ова наше општество стана премногу драматично, да се изедначува со некаков акт на аболиција тоа што е жртва и тоа што е злосторник во општеството. Ние тоа нема да го дозволиме до крај, најверојатно сме единствени кои сме ја отвориле оваа постапка по судски и по законски пат, правно формално да ја поништиме аболицијата и актот на помилување на Иванов. Прашањето е дали Груевски, Мијалков, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска имаат отворено ваква постапка за да покажат и нивна решителност дека се против аболицирањето на Ѓорге Иванов“, рече Заев.Првообвинетиот во случајот, поранешниот директор на Управата за разузнавање и контраразузнавање, Зоран Верушевски нема испратено писмо до претседателот Иванов да ја повлече аболицијата за него бидејќи смета дека таквите писма немаат правно дејство.„Ние ги користиме правните лекови затоа што јавноста мора да знае дека правната последица од одлуката на претседателот е решението на Основниот суд Скопје 1. Во решението на Судот стои правото на жалба во рок од три дена и ние тоа право го искористивме. Очекуваме Апелација да се произнесе по нашата жалба, ако нашата жалба се отфрли ни останува правдата да ја бараме пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Не гледам потреба од испраќање на било какво писмо . Ова се правни последици кои произлегуваат од решението на Основниот суд Скопје 1. Во решението се сопира натамошното судење. Тоа значи дека ние треба да ја согледаме правната последица, а не да праќаме писма кои немаат никакви правно дејство“, рече ВерушевскиЗаев четвртообвинет во овој случај. Првообвинет е Зоран Верушевски, обвинети се и неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.По објавувањето на `бомбите` од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

