Македонија
Екстрадиран директорот на „Џумајлија“ по пет години бегство во Бугарија
Поранешниот директор на Ветеринарната управа Зоран Даневски, од пред неколку дена е во штипскиот затвор, по негова екстрадиција од Бугарија каде се криеше од македонските власти кои го бараа со меѓународна потерница поради злоупотреби во агрокомбинатот „Џумајлија“, каде беше извршен директор, јавува Мета.
Во штипскиот затвор веќе една година се наоѓа неговиот постар брат, Слободан Даневски поранешен пратеник и градоначалник на Свети Николе, каде ја издржува четиригодишната затворска казна.
Зоран Даневски бил откриен при рутинска контрола од сообраќајната полиција во Бугарија, додека се возел во автомобил со уште три други лица. Полицаецот што го легитимирал утврдил дека Даневски е лице барано со потерница, по што бил уапсен и веднаш испорачан на македонските власти.
Тој во Македонија се бара од ноември 2011 година кога пребега во Бугарија, откако беше осомничен за проневера на 5.400 тони жито од стоковите резерви вредни 1,5 милион евра. Даневски е осуден на две години затвор за повеќе злоупотреби на службената положба како извршен директор во пропаднатиот агрокомбинат „Џумајлија“.
За него има уште неколку неправосилни пресуди во штипскиот Основен суд. За истото дело во затвор веќе една година е неговиот брат Слободан Даневски, кој беше претседател на Управниот одбор на „Џумајлија“.
Шпекулациите кои кружат во Свети Николе велат дека Зоран Даневски е есктрадиран бидејќи снемал пари и не можел повеќе да ја плаќа слободата во Бугарија.
Во бугарското гратче Гоце Делчев, Даневски водел бизнис со пелети, кој бил сосема легален, додека во меѓувреме водел спор во судот во Благоевград во врска со потерницата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

