Македонија
ОЈО прогласи надлежност за предметот „Шпион“ и улогата на новинарот Божиновски
Основното јавно обвинителство (ОЈО) за гонење на организиран криминал и корупција постапува во предметот против лицето З.Б., односно новинарот Зоран Божиновски, кој со Обвинителен акт се товари за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „шпионажа“ и „уцена“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Во рамките на своите надлежности, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се обрати до Советот на јавните обвинители на Република Македонија со барање Советот да се произнесе по однос на барањето за доставување на предметот поднесено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Советот на јавните обвинители решавајќи за предметот „Шпион“, во април годинава достави одлука според која надлежно за постапување за предметот „Шпион“ е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Одлуката Советот ја достави до Основниот суд – Скопје, Апелациониот суд – Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, додаваат од ОЈО.
„Обвинетиот З.Б. е дел од предметот „Шпион“ од 2013 година, но истрагата за него беше запрена поради неговата недостапност се до 21.04.2016 година кога истиот е екстрадиран од Република Србија во Република Македонија. Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ја почитува претходно донесената одлука на Советот на јавни обвинители како единствен надлежен орган што ја оценува законитоста во работењето на обвинителствата. Од тука, а имајќи предвид дека станува збор за дел од истиот предмет, за поднесеното барање побара насока за постапување од Советот на јавните обвинители“, додаваат од ОЈО.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 18-ти јули соопшти дека спровело истражна постапка против Божиновски, па по сеопфтно разгледување и анализа на прибраните докази до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесен е Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор поради постоење на основано сомнение дека обвинетиот сторил кривични дела и тоа злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
За овие кривични дела осомничениот беше гонет во текот на 2013 година, но поради неговата недостапност на органите на прогонот истрагата беше прекината и продолжи по екстрадиција на обвинетиот од Република Србија во Република Македонија на 21.04.2016 година.
Тој и претходно беше уапсен на 7-ми ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница на Интерпол, а според обвинението се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот законик на Македонија.
Извесно време мина во екстрадационен притвор во Србија, по што е пуштен на слобода каде ја чекаше одлуката за азил.
Новинарот е еден од обвинетите во случајот „Шпион“, меѓу кои се главно сегашни и поранешни припадници на разузнавачката агенција, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и Министерството за одбрана.
Во 2014 година беше донесена и пресуда за овој случај, а осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

