Култура
Конзервирани и реставрирани три фасади во центарот на Охрид
Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка од Министерството за култура целосно е реализиран проектот за конзервација и реставрација на три фасади на објекти на улица „7 Ноември“ во Охрид, во близина на стариот Чинар.
Поради стилските карактеристики и местоположбата на објектите, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид извршија конзервација и реставрација на фасадите со што е зачувана автентичноста на овие објекти кои се значаен дел од архитектонското културно наследство на Охрид.
Куќите се изградени во 1912 година од непознати мајсторски тајфи, по урнек на градската гимназија која се градела во истиот период.
Староградската архитектура во Република Македонија претставува културно наследство од особено значење. Зачуваните примери потекнуваат од крајот на XIX и почетокот на XX век, кои групирани како споменични целини, го доловуваат амбиентот на старите градски јадра. Разновидноста на архитектонските целини сведочи за различните влијанија, варијации и стилови во надворешниот изглед на објектите за времето во кое се создавани.
Токму затоа, Министерството за култура во 2012 година ја започна реализацијата на проектот за санација и реставрација на фасади од староградската амбиентална архитектура, во чии рамки досега се завршени вкупно 16 објекти, и тоа: 15 посебни објекти во Крушево, Скопје, Битола, Охрид, Кичево, Гевгелија, Гостивар и Прилеп и еден комплекс од пет дуќани во Кратово. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Култура
Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #3“ во рамките на 4. Скопски поетски фестивал
Скопскиот поетски фестивал, чиешто четврто издание ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни, и годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси.
‒ Продолжуваме со поддршката за младите поети, за тие што можеби веќе се појавиле со по некоја песна во книжевно списание, ја објавиле својата прва стихозбирка или настапиле на некое поетско читање, но и за тие што можеби и не направиле ништо од сето тоа досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати на настан подготвен само за нив! Како и минатите години, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците на „Отскочна даска #3“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на четвртото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети, соопштија од фестивалот.
Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот [email protected] најдоцна до 13-ти мај.
Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 20 мај на фејсбук и на инстаграм страниците на фестивалот, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ на 29 мај, со почеток од 20 часот. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 30 мај.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарница „Буква“.