Македонија
АВМУ ги одби телевизиите за следење на работата на порталите
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми ја усвои во петокот методологијата која ќе се применува за набљудување на известувањето на радиодифузерите во предизборниот период и притоа го отфрли барањето на Македонската медиумска асоцијација со методологијата да се определи дека ќе се набљудува работата и на интернет порталите, како што е предвидено со изборниот законик.
Претходно во вторникот кога беше претставена нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избор кои би требало да се одржат до крајот на годината, петте најголеми телевизии во земјата побараа Агенцијата да го почитува и делот на Законот кој предвидува да се набљудува работата на интернет порталите.
„Кога станува збор за барањето на повеќе заинтересирани страни да се врши мониторинг и на електронските публикации, односно порталите, мораме да кажеме дека Агенцијата не го прифаќа ова барање. Не дека Агенцијата ја избегнува обврската или дека нема стручни капацитети за вршење мониторинг, меѓутоа за да се врши мониторинг на спроведувањето на одредбите од изборниот законик кај електронските публикации неопходни се претходно соодветни законски измени“, рече директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.
Изборниот законик предвидува дека и интернет порталите мора да бидат подложни на идентични проверки како и телевизиите и радио станиците. Методологијата, за која стручните служби во АВМУ велат дека е подготвена врз францускиот модел, предвидува оценување на известувањето на медиумите врз основа на квантитативни и квалитативни оцени. Во квантитативниот дел, методологијата предвидува дека медиумите треба за партиите од опозицијата да издвојат најмалку половина од времето кое ќе биде одвоено за партиите од власта и за носителите на јавни функции.
Емилија Јаневска од Секторот за програмски работи на АВМУ изјави дека не е возможно да се бара издвојување еднакво време за кандидатите на позицијата и носителите на државни функции, од една страна, и за опозицијата, од друга страна, поради потребата на медиумите да известат за дејствувањето на државните институции.
Членови на Советот оценија дека со оваа одредба ќе се постигне зголемена застапеност на опозициските претставници во информативните програми, која ќе биде во пропорција со застапеноста на прилозите со кои се информира за настаните од јавен интерес и активностите на позицијата. Членовите на Советот, исто така, по претходна консултација со стручните служби, прифатија одреден број технички измени на методологијата.
Одбиени беа предлозите периодот во кој ќе се оценува дали медиумите ги кршат правилата за балансираност и правичност да се скрати од десет на седум дена, но беше прифатено барањето бројот „дозволени’ прилози во кои ќе се забележи прекршување на законикот да се намали од десет на пет во подоцнежниот период на изборната кампања.
Не беа прифатени и предлозите да не се бара од медиумите да имаат обврска да постигнат баланс во случаи кога политички партии систематски одбиваат да обезбедат соговорник или да дадат изјава за тој медиум. Избришана е и одредбата дека времето кое медиумите ќе го одвојат за претставници на граѓанските организации кои дејствуваат проопозициски да се брои во вкупното време кое е одвоено за опозицијата.
Во Агенцијата се одржа и средба на членовите на Привремената Комисија за Следење на Медиумското претставување, која треба да го преземе носењето на оценките за тоа дали одредени медиуми ги прекршиле одредбите од изборниот законик на 100 дена пред изборите. Ова тело сé уште не е конституирано во целост и не постигна согласност за избор на неговиот петти член./крај/мф/с
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

