Македонија
Промовирани 434 нови полицајци

Нови 434 полициски службеници кои по конкурсот на крајот на октомври 2014 година минаа едногодишна обука беа промовирани на свеченост во саботата во Идризово.
Кандидатите за полициски службеници обуката ја минаат во Центарот за обука на МВР во Идризово, а беа поделени во три образовни модули (сообраќај, јрм и гранични работи).
“Како идни полициски службеници секогаш мора да го имате на ум значењето на униформата што ќе ја носите и вредноста на значката што ќе ја покажувате. Никогаш не заборавајте дека граѓаните преку вас и преку вашите постапки ќе ја оценуваат нашата држава. Затоа, професионалноста, стручноста и почитувањето на законот мора да ви бидат фундаменти врз кои што ќе се темели вашето секојдневно работење и извршување на работните задачи“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Притоа тој им порача на новите полициски службеници дека нивната одговорност ќе биде голема, и дека токму таа е најважната работа што треба да ја манифестира секој граѓанин доколку сакаме побрзо и побезболно да ја надминеме актуелната општествена криза.
“Верувам дека со начинот на кој ќе ги извршувате вашите работни задачи и со бескомпромисно почитување на законот и професионалните стандарди, ќе покажете дека вие сте таа генерација на полициски службеници која ќе одигра пресудна улога во реформирањето на МВР“, истакна Спасовски. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети вели дека ако излезе на улица нема враќање назад, „Вреди“ со коментар дека улицата е на народот, а не на милионерите

Можно е симпатизерите на ДУИ да излезат на улица, вели Али Ахмети, поради случајот со ексминистерот, Крешник Бектеши, кој се гони за лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани каде изби смртоносниот пожар.
Според Ахмети, се работи за политички прогон, а рече дека нема да се повлечат додека не се обезбеди неселективна правда и предвремени парламентрни избори.
„Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори“, рече Ахмети за ТВ24.
Попладнево стигна реакција од неговите почитички опоненти Вреди/Влен кои велат дека улицата е на народот, а не на милионерите што се плашат од правдата.
„Дваесет години на власт – никогаш на улица за народот, секогаш во тишина за правдата. Сега, кога системот што си го изгради за себе се руши, Али Ахмети плаче за „улицата“, оти му се лизга тронот од раце и лажицата од уста!“, велат од коалицијата.
Го прашуваат Али Ахмети, каде бил кога во времето на неговото владеење со Груевски, Албанците се гушеле по затвори, а на нивното име се лепела етикетата „терорист“. Каде бил кога се измислувал Монструм, кога Сопот бил обвинет за тероризам, кога во Бродец се пролеала албанска крв, кога во Диво Насеље биле искористени за валкани политички сценарија.
Се додава дека денес, ДУИ се обидува да се претстави како жртва – ама единственото нешто што навистина ги плаши е правдата и гласовите на народот.
Македонија
ССНМ: Падот на светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 е одраз на состојбите во Македонија

На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година Македонија е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции
Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година според Репортери без граници, земјава е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции.
Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ.
Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.
Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.
Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер.
Македонија
Кривична пријава против полициски службеници од сообраќајна патрола во Скопје за „попречување на правдата“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава против Д.К. на работно место помлад полицаец и Б.Д. на работно место полицаец за безбедност на патниот сообраќај во Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
Пријавените како службени лица – полициски службеници на 20.04.2025 година со намера да го спречат и отежнат докажувањето, прикривале и фалсификувале документи што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење на постапка уредена со закон, на начин што првопријавениот издал прекршочен платен налог и записник за сторен сообраќаен прекршок на име на лице од Скопје за сторен прекршок, а потоа за да го прикрие прекршокот на лицето, ги преправил и фалсификувал прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок на начин што на вториот примерок врз податоците нанесени со индиго од првиот примерок со пенкало ги внел податоците од друго лице од Скопје, иако ова лице воопшто наведениот ден не го контролирале ниту од нивна страна било запрено за сторен прекршок, а кое од претходно им било познато како чест извршител на сообраќајни прекршоци.
Второпријавениот, како одговорен на патролата иако знаел дека првопријавениот констатирал прекршок на лице од Скопје, а потоа на прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок врз податоците на лицето сторител на сообраќајниот прекршок ги внел податоците на друго лице, му помогнал до го изврши кривичното дело, со тоа што во пополнувањето на прегледот на контролирани моторни возила и на извештајот од 20.04.2025 година за радар ги внеле податоците на сторителот на сообраќајниот прекршок, а потоа откако првопријавениот ги фалсификувал и преправил наведениот налог и записник, врз податоците на сторителот на прекршокот ги внеле податоците на друго лице и вака преправениoт преглед на контролирани моторни возила и извештај од 20.04.2025 година за радар, по завршувањето на работните задачи, ги приложиле заедно со наредбата за вршење дејност во Одделението за безбедност на патниот сообраќај Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поведе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.