Македонија
Над осум илјади предмети и книги, дел од македонската воено-историска ризница
Во вторникот во „Порта Македонија“ со свечена академија беше одбележана 10-годишнината од постоењето на единствената национална институција која ексклузивно се занимава со воената историја на Македонија, Воениот музеј.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, пред големиот број гости, посочи дека станува збор за специјализиран национален музеј со експонати, примероци од старо оружје кои датираат од антиката до денес.
„Министерството за одбрана со формирањето на Воениот музеј пред 10 години создаде основни услови за освежување и збогатување на индивидуалното и колективното паметење на нашето воено минато, за сегашноста и иднината“, додаде министерот Јолевски. Така, рече министерот, Воениот музеј се развива како извор на патриотизмот, на живеењето на различни етнички заедници и религии, на заедничката борба за слобода и создавање на независна и самостојна Република Македонија.
„На почетокот кога се формираше Воениот музеј имавме 76 сопствени музејски експонати. На прв поглед мала бројка, но имајќи ја предвид природата и описот на експонатите имавме уникатна збирка што претходно не беше регистрирана во музејската дејност во Република Македонија“, рече во своето обраќање директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев.
Тој посочи дека Воениот музеј од 2011 година е членка на Меѓународната мрежа на музеите за мирот со седиште во Хаг. Музејот, рече, е единствена институција од Балканот која е членка на оваа респектабилна мрежа каде се споделуваат идеи и музејски активности за поддршка на мирот.
Воениот музеј е основан 2006-та година со основна функција да открива, собира, истражува, подготвува и изложува елементи на културното наследство на Република Македонија од областа на воената историја. Музејот поседува оружје, воена опрема, воено-технички средства, воени знамиња, воена ликовна документација (фотографии, скици, скулптури), документи и карти, а го истражува и документира развојот на производството на оружјето и воената вештина. Денес, во фондот на Воениот музеј има над три илјади предмети, околу пет илјади книги и бројна архивска документација./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче – Костреш: продлабочување на соработката меѓу двете партии и во регионот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оствари средба со Бојан Костреш, претседател на Лигата на социјалдемократите од Војводина, Република Србија.
На состанокот се разговараше за продлабочување на односите и зајакнување на соработката меѓу двете партии, но и за проширување на регионалната соработка со социјал-демократските и прогресивните политички субјекти.
„Двете партии ја истакнаа заедничката посветеност на три клучни приоритети: интеграцијата на земјите во Европската унија, решителната борба против корупцијата и криминалот и заедничката борба против национализмот, како предуслов за стабилност и развој на целиот регион“.
Македонија
Тошковски: Почна пробниот период на системот „Безбеден град“, прекршоците автоматски се бележат, сопствениците добиваат известување
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети објектот во кој е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City) по повод почетокот на пробниот период во кој сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат известување за сторениот прекршок.
Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци, од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистриран автомобил 1.000. Оваа алармантна бројка уште еднаш ги потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата.
„Со почнувањето на овој систем испраќаме јасна порака – безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект што штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот“, истакна министерот Тошковски.
„МВР ќе продолжи со тестирањето и со унапредувањето на системот со цел негово целосно функционирање во наредната фаза“.
Македонија
Полициски службеници од Охрид на средба со претставници од Здружението на пензионерите
На иницијатива на СВР Охрид, денеска се одржа работна средба помеѓу полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и претставници од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
Целта на средбата беше размена на информации и координација околу повторните телефонски измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди.
Притоа, полициските службеници укажаа на потребата, Здружението низ своите активности како и низ други форми, да врши поинтензивно информирање на своите членови за телефонските измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди предизвикани од членови на нивните семејства.
Во таа насока, Здружението на пензионери, наскоро ќе организира трибина на оваа тема на која, членовите подетално ќе се запознаат со начините и формите на вршење на кривичното дело како и со постапките што треба да се преземат по добиено телефонско јавување. Целта е да се заштитат граѓаните од душевна болка но и од барањата на сторителите да плаќаат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да биде ослободен од кривичен прогон. По средбата, полициските службеници на повеќе места во градот, разговараа со повеќе граѓани и низ непосреден конатакт ги информираа за појавата со телефонските измами, за напорите на СВР Охрид за пронаоѓање на сторителите и ги повикаа граѓаните, на внимателни реакции при евентуално добиени известувања, апелираа да не наседнуваат на барањата за давање пари и итно пријавување на секое јавување.

