Македонија
Димитриев: Македонија заслужува развој и просперитет
Македонија заслужува развој и просперитет и ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија, порача премиерот Емил Димитриев во говорот на Мечин Камен, крај Крушево, по повод националниот празник 2-ри Август – Илинден.
Премиерот кој годинава говореше на централното одбележување на големиот македонски национален празник исто така порача дека е неопходно национално единство наместо надворешни мешања во земјата, како и оти граѓаните сакаат дела а не деструкција.
„Денеска ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на илинденската генерација, така и на асномската генерација. Денеска Македонија и Македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ, датуми чија тежина создава одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации, а за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна, а духот – нескршлив“, рече премиерот Емил Димитриев
„Денешниот голем празник нé потсетува на минатото, но и нé поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама посебе носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема. Само така, и со силно единство наместо со надворешно мешање, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија“, рече Димтриев.
Повика на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на татковината.
„Затоа, денеска од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина… Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните“, апелираше Димитриев.
Ваквиот таков пристап и искрената волја, оцени премиерот, се особено потребни во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која порача дека земјата мора да излезе посина.
„Оваа политичка криза не му одговара никому што ѝ посакува добро на државата и таа создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира, како на секојдневното живеење, така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа, треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните, но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети“, смета Димитриев.
Од тие причини, како што рече, од Мечкин Камен упатува апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од неа, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.
„Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување“, додаде премиерот.
Претседателот на македонската влада изрази силно уверување дека одржувањето на фер и демократски избори ќе стави крај на долгата политичка криза
„Ве уверувам, дека како Влада ќе направиме сé што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди, а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава, додаде, имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега, и нема причина и не смее да биде поразлично оти тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава“, рече Димитриев
Истакна дека за текот на изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање од исклучителна важност е улогата на политичките партии за кои се надева и очекува наместо кампања базирана на навредувања и подметнувања ќе бидат концентрирани на водење кампања којашто ќе почива на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата.
„Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност, но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија“, рече премиерот Димитриев.
Посочи дека и во моменти на политичка криза и соочување со глобални безбедносни ризици, земјата и натаму е насочена на реализација на програмата која е базирана на изборните ветувања, меѓу нив и намалување на невработеноста и отворањето на нови работни места.
„Историски најниското ниво на невработеност од 24,5 отсто кое го постигнавме оваа година, претставува доказ дека посветената долгогодишна работа вродува со резултат. Падот на невработеноста за 13,5 отсто во однос на минатото кога истата изнесуваше огромни 38 отсто, е доказ дека имаме сила, знаење и енергија за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Дека Македонија може успешно да се справува со предизвиците и дека имаме сила за добри резултати. Тоа е доказ дека борбата за нови работни места покажува резултати. Тоа е борбата на нашата генерација, за работа за секого, како чекор кон обезбедување на повисок стандард и плати за населението. За тоа говорат илјадниците ново отворени места во технолошко-индустриските развојни зони во кои работат странските компании, кои препознавајќи ги одличните услови за инвестирање дојдоа во нашата држава и изградија свои фабрики, и вработувањата во домашните компании“, рече Димитриев
Во тој контекст изрази увереност дека по надминувањето на поплитичката криза и по одржување на предвремените парламентарни избори, државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус реформи, проекти, на задоволување на потребите на секој граѓанин.
„По изборите, мора и ќе продолжиме со силно темпо на секој дел од теренот, на уште повеќе капитални инвестиции и градежни проекти кои на оваа држава и носат нови патишта и булевари, нови железнички пруги, нови спортски објекти, училишта и градинки, нови здравствени установи, нови театри и музеи, голема раздвиженост во градежниот сектор, многу работа за нашите компании и секако нови работни места во истите. Само така, градејќи ја Македонија ја градиме иднината на нашата држава. Реализираме и ќе реализираме проекти кои остануваат трајни вредности за македонските граѓани. Градби кои се капитал на државата“, рече премиерот Димитриев.
Притоа заклучи дека досега реализираното повеќе од доволно зборува за тоа дека граѓаните поседуваат капацитет и енергија да ја направат Македонија силна држава.
„Затоа што, додаде, ние не се штедиме и работиме многу затоа што само работата, трудот и посветеноста и одговорниот пристап, како и исполнетите ветувања ја прават разликата“, порача Димитриев./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

