Македонија
Иванов: Институциите се подготвени за можен втор бран мигранти, се потврдија предупредувањата за терористи
Припадниците на АРМ ангажирани на границата со Грција се подготвени за евентуален втор мигрантски бран, изјави во средата македонскиот Претседател и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, кој во придружба на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во средата ги посети безбедносните сили на јужната граница
„Иако Балканската рута е затворена неколку месеци, армијата констатира зголемен број илегални минувања на државната граница и појава на криумчарење мигранти преку нашата територија. Армијата заедно со полицијата имаат спречено 18 илјади илегални преминувања“, истакна Иванов.
Додаде дека зачестено е и уништувањето на заштитната ограда.
„Досега се забележани и евидентирани околу 700 обиди на сечење на оградата и уништување. Тоа кажува дека иако Балканската рута е затворена, сепак голем број мигранти, бегалци, економски мигранти настојуваат да ја пробијат нашата заштитна ограда и да влезат и да го активираат овој коридор кој сега е затворен“, реше Иванов.
Им оддаде признание на сите војници и офицери, за тоа што досега успешно се справуваат со сите предизвици, но Иванов посочи и оти исто така мора да им се оддаде признание и на полицајците и на сите субјекти од кризниот менаџмент кои се вклучени и кои секој ден ја следат состојбата и ги информираат сите надлежни институции за состојбите со илегалната миграција.
Иванов нагласи, во светлина на низата терористички напади во последната седмица во недкои западноевропски земји, дека се потврдиле сите предупредувања што ги даваше Македонија во минатото дека Балканскиот коридор на илегална миграција се користи терористички борци, кои измешани меѓу бегалците .
„Сите наши предупредувања се потврдија. Секојдневно гледаме низ Европа има акти на насилство, терористички акти и веќе речиси се ближи бројот околу 500 загинати во последно време низ Европската унија кои се предизвикани од лица кои доаѓаат од Блискиот исток, боиштата и кои, користејќи го бранот на бегалци, кој беше минатата година и почетокот на оваа година, успеале да дојдат до земјите кои се членки на ЕУ, рече претседателот.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Македонија треба да го следи примерот на Србија и Бугарија и да повлече повеќе припадници безбедносни сили, претседателот Иванов рече дека засега има доволен број припадници на АРМ и на полицијата на јужната граница и тие си ја извршуваат својата работа, пренесе агенцијата МИА.
Настаните, посочи Иванов, се следат дневно и како постои потреба така и бројот на војниците се зголемува. „Нам ни е потребно во овој период Армијата да е одморена. Ако дојде евентуално вториот бран да биде подготвена, како и минатиот пат да се справи со сите тие предизвици“, рече македонскиот претседател.
Сé укажува, додаде Иванов, дека тој број ќе се зголемува и дека сите сме изложени на опасност од такви терористички акти. „Како се губи територијата на ИСИЛ на боиштата во Сирија, но исто така и во Либија, голем дел од тие лица се обидуваат да се вратат од земјите од каде што отишле на боиштата или, пак, кои заедно со мигрантите стигнале на територија на ЕУ да преземат такви акции“, истакна.
Имајќи предвид дека само Балканот има преку илјада странски борци на боиштата во Сирија, а 60 отсто од нив се вратени, според Иванов, и нашиот регион не е исклучен од можни терористички акти. „„Затоа, сево ова што го прави Армијата со поддршка на полицијата која е тука да ѝ даде поддршка, е од полза на сите земји кои се долж и Балканската рута, но и долж Европа како континент“, рече шефот на државата.
Иванов истакна дека македонските безбедносни служби интензивно ги следат лицата кои се повратници од боиштата.
„Ја кажувам бројката, 86 имаме во моментот во Македонија. Дел од нив се веќе и приведени преку акцијата ‘Ќелија’, дел од нив се следат, но тоа е тешко докажлив дело. Не можете да докажете ако немате докази и полицијата и службите досега ефикасно се справуваат со тоа, но тоа се и поединечни акти на насилство. Никогаш не можете да предвидите кога ќе се случат. Досега нашите служби успешно се справуваат“, рече претседателот Иванов.
Потенцираше дека и локалното население треба да знае за тие лица и треба да соработува со надлежните институции и да ги пријавуваат тие лица кои се потенцијални можни сторители на такви терористички акти.
Во последно време интензивирана е рутата кон Италија и, како што кажа Иванов, многу бегалци од југот на Африка се пробиле преку Либија и доаѓаат до централномедитеранската рута и одат повторно во Италија. Оваа медитеранска земја, продолжи тој, во последно време е изложена на илјадници мигранти, но како таму ќе се блокира тој бран од Африка, тие ќе настојуваат да доаѓаат до нашиот коридор.
За тоа што може да очекуваме во наредниот период, Иванов одговарајќи на новинарско прашање повтори дека нашите институции во континуитет ги следат настаните и оти се што е во наша моќ е преземено.
„Нашите служби за разузнавање, полицијата, Армијата ги следат сите настани и не информираат. Информирани се сите субјекти на Кризниот менаџмент, сите субјекти од страна на Центарот за управување со кризи, така што се што е во наша моќ е преземено и ние превенираме. Можеме да не бидеме скромни, другите од нас учат како да постапуваат затоа што тоа што ние го презедовме беше модел како да се соочите со овој предизвик кој ќе трае. Ова нема да застане ни оваа година ни идната, ќе бидеме на ова сведоци во текот на целиот наш живот затоа што населението од Азија, Африка е, кажав веќе, раздвижено и се стреми кон Европа, но ние сме на дел од една од тие рути и ние мора да си ја чуваме нашата територија и сами да носиме одлуки, рече Иванов.
Потвенцираше дека, за жал, Македонија е оставена самата наа себе и самата ги носи одлуките и се прилагодува.
„Армијата сама презема мерки, се прилагодува на секоја нова состојба, така што досега успешно го правиме, ни помагаат земјите долж рутата, се соработува со земјите што имаме од нив поддршка и помош. Но, се уште е неопходно она што ни беше ветено од ЕУ да го добиеме, односно опрема и за биометриски податоци и термални камери и сета онаа опрема што ќе го поедностави начинот на контролирање на оградата затоа што сите ресурси се наши, од нашиот буџет. Армијата троши огромни ресурси од буџетот, нашиот буџет. Армијата нема добиено никаква помош досега, така што и покрај сето она што ни се случува во државата и покрај политичката криза, ние досега покажавме како успешно се справува една земја со овој предизвик“, истакна претседателот Иванов./крај/мф
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

