Македонија
Извори: Македонија ја затвори границата за Авганистанците
Авганистанските имигранти на патот кон северот на европскиот континент во неделата утрото не можеле да влезат во Македонија, преку граничниот премин Идомени, пренесува AFP повикувајќи се на неименуван грчки полициски извор, додека од македонското Министерство сé уште нема официјална потврда на евентуалната ваква мерка.
„Утрово сме предупредени дека македонските власти нема да ги пропуштаат Авганистанците“, рекол соговорникот на AFP. Според него, аргументот на македонската страна бил дека Србија донела одлука да ја затвори рутата за државјаните на Авганистан.
Околу 367 мигранти од петокот се заглавени во прифатниот центар во Табановце, бидејќи српска страна не им е дозволен влез. Бегалците засега се сместени во Прифатниот центар на граничниот премин „Табановце“.
Македонската полиција во саботата објави дека бегалците од Авганистан, според профилацијата на имигрантите воведена на почетокот од ноември, заедно со оние од Ирак и Сирија, е договорено да се пропуштаат, бидејќи доаѓаат од воени подрачја и не се сметаат за економски имигранти, па и затоа за нив беше нејасно зошто српската полиција не го дозволува нивниот транзит.
Повеќе од 4.000 лица чекаат во неделата претпладнето на преминот Идомени за да минат на територијата на Македонија. Грчките медиуми наведуваат дека не е познато колкав е бројот на Авганистанците меѓу нив, кои веќе не се меѓу државјаните на оние земји за кои ЕУ оцени дека можат да влезат и да бидат распоредени на територијата на нејзините земји./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

