Забава
Rolling Stone: „Одбрана и последни денови“ на Идоли најдобар албум во екс ЈУ
Врз основа на изборот на тринаесет музички новинари, кои ги собра хрватското издание на популарниот музички магазин Rolling Stone, албумот „Одбрана и последни денови“ на белградската група Идоли е прогласен за најдоброто дискографско издание на просторите од поранешна Југославија од 1955 години до денес.
Станува збор за првото специјално издание на хрватскиот Rolling Stone, кој ја донесува топ листата од стоте најдобри албуми чијшто конечен избор е направен со преклопувањето на тринаесетте листи на членовите на жирито, без уреднички корекции, а ќе биде претставено во среда навечер во Загреб.
Првиот од стоте е вториот албум на Идоли, објавен е 1982 година, со кој бендот излезе до сопствените рамки отворено ризикувајќи ги тиражите, пишува Rolling Stonе, пренесувајќи го коментарот на Влада Дивљан дека таа плоча во поширок контекст била некој вид претскажување за распадот на поранешната држава. Од „Одбрана и последни денови“ останаа во паметењето на многу генерации хитовите „Кенозоик“, „Последни денови“, „Моја си“, „Русија“, „Играле се делије“.
Една година претходно беше објавен албумот на, исто така, белграѓаните Шарло Акробата – „Побистар или потупав човекот станува кога…“, нивен прв и последен студиски албум, кој е на второто место на листата на Rolling Stone. Оценет е како еден од најкреативните изданија на новиот бран, а и денес претставува инспирација за алтернативно насочените музичари од овие простори.
Третото место го зазема двојниот албум „Сончевата страна на улицата“ од 1981 година на загрепската група Азра водена од Бранимир Штулиќ Џони, снимена само половина година од првенецот на кој Штулиќ емоционално разоткри и му даде малку помек звук. Од овој албум препознатливи се песните „Ужасот е мојата фурка“, „Фа-фа-фа“, „Кога Мики вели дека не се плаши“, „Полска во моето срце“, „Карта за среќа“, „Заминување во ноќта“, „Градот без љубов“…
Првиот албума на загрепчаните Хаустор, наречен едноставно по името на бендот, издаден по големиот радио хит „Мојата прва љубов“ е на четвртото место, а зад него е дебитантскиот албум на хрватскиот кантавтор Арсен Дедиќ „Човек како јас“ од 1969 година за кој во текстот се вели дека е „еден од тестаментите на поп културата“ на поранешните простори.
Уште два албума на Азра се меѓу првите десет, трикратното живо издание од 1982 година од концертот во култниот загрепски клуб „Кулушиќ“ „Рамно до дното“, на шестото место, и првенецот со наслов „Азра“ од 1980 година на деветтото место.
На седмото место е „Додека чекаш сабах со шејтанот“ на сараевчаните Забрането пушење од 1985 година издаден во полниот залет на сараевските „нови примитивци“, на осмо е Хаустор со „Третиот свет“ од 1984-та, а на високото десетто место од листата со класици на регионалниот рок „Со ветрот в лице“ на белградскиот култен бенд Екатерина Велика од 1985 година.
Следат „Дневникот на една љубов“ на загрепчанката и еден од најмоќните женски вокали од овие простори, кога и да е, Јосипа Лисац, па „Нови изненадувања за новите поколенија“ на белградска Дисциплина кичме, „Расипани мечти и валкани страсти“, уште една група до Белград – Рибља чорба, „Ново! Ново! Ново! До вчера бевме на филм а сега и во вашата глава“ на загрепски Филм на Јура Стублиќ, „Битанга и принцеза“ на сараевчаните Бијело дугме, „Горибор“ на истоимениот бенд, „Доколку сте слободни вечерва“ на Булдожер, „III“ на Партибрејкерс, „Плукни ѝ на вистината в очи“ на Булдожер и „Вис Идоли“ на лауреатот на овој избор.
Членови на жирито биле музичките новинари Ведран Бркуљ, Ведран Харча, Хрвоје Хорват, Петар Јањатовиќ, Радислав Јованов Гонзо, Анџело Јуркас, Денис Мијаџиќ Деникен, Анте Перковиќ, Бранимир Слијепчевиќ, Зоран Стајчиќ, Јурај Шифтар, Синиша Швец и Горан Тарлаќ. Тие во средата навечер во загрепскиот „Винил клуб“ ќе појаснат што било решавачко за нив при изборот, пренесува Hina.
Листата на Rolling Stone се совпаѓа во актуелниот тренд на навраќањето во 1980-те, меѓу другото и преку серијата „Црно-бел свет“, според истоимениот албум на загрепската група Прљаво казалиште, или изложбата „Осумдесеттите – слатката декаденција на постмодерната“, посветена на деценијата во којашто се издадени најголемиот дел од првите дваесет албуми од споменатата листа..
Во најновото издание на магазинот доминираат главно 1980-те и 1990-те, објавена е и Топ 20 најдобри албуми од овие простори во последните 25 години, како и делот Rest of the Best, во избор на редакцијата.
Уредникот на хрватското издание на Rolling Stone, Тони Мошков вели дека е свесен оти сите нема да бидат потполно среќни од нивниот избор и сигурно ќе има некој албум кој недостига, па во воведникот им порачува на читателите дека работата на селекторите не била лесна, бидејќи вложиле огромен труд да би набројат сите тие албуми, а требало меѓу 1.300-те се преклопување на листите да се добијат стоте најдобри. Идејата на специјалното издание на магазинот била да се сочуваат сеќавањата на некои историски албуми кои и денес претставуваат антологија на музиката од овие простори, вели Мошков./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

