Македонија
Рим: Македонскиот државен врв горд по канонизацијата во света на Мајка Тереза
Граѓаните на Македонија треба да се горди што имаат сограѓанка која стана светица, и идните генерации треба да земат пример од делата на Мајка Тереза, оценува во изјавите за медиумите државниот врв и другите членови на македонската државно–црковна делегација кои во неделата присуствуваа на прогласувањето за света на оваа добитничка на Нобеловата награда за мир родена во Скопје.
Во состав на бројната македонската делегација, покрај претседателот Ѓорге Иванов, беа и премиерот Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставник на фамилијата на Мајка Тереза.
„Ние треба да сме горди затоа што имаме сограѓанка светица. Треба да сме горди за нејзиното дело, на сето тоа што го направила. Ние кои живеееме на истиот простор истото да го направиме, да ја продолжиме таа енергија што ја имала целиот свој живот, со истиот интензитет и намера да се шири добрина, помош и утеха“, порача шефот на државата Иванов од Ватикан.
Претседателот Иванов истакна дека тоа треба да го прават и сите наши соседи бидејќи на Балканот, како што рече, се потребни повеќе лица кои знаат тоа да го почитуваат, но и да го продолжуваат затоа што сета тајна, како што рече, е во давањето помош на тој што има потреба.
„Веројатно Мајка Тереза би била среќна да го славиме нејзиното дело, милосрдието и помошта, затоа што секој што сака да ѝ оддаде почит треба да дава на тие што имаат потреба, да им понуди надеж и милосрдие на безнадежните“, рече Иванов и додаде дека нејзината мисија, сето тоа што го научила во своето детство, во својот живот во Скопје, како микрокосмос на различни религии и идентитети, го спроведувала и промовирала насекаде.
Иванов оцени дека ова е историски ден, со историски настан, канонизација на Мајка Тереза за светица, на кој присуствуваше македонската државно–црковна делегација заедно со другите делегации. Како што рече „Ова е ден кога целиот свет слави, на плоштадот беа присутни луѓе од сите континенти, сите луѓе кои го продолжуваат делото на Мајка Тереза“.
Иванов за медиумите рече дека македонската делегација, која имаше почесно место на церемонијата имала куса средба со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој потврдил дека ќе ја посети Македонија, иформираа од неговиот кабинет .
„Канонизацијата на Мајка Тереза е голем настан за Република Македонија и за македонскиот народ. Денеска добивме уште еден светец по потекло од Македонија, што самото посебе ја покажува големината на настанот“, рече премиерот Емил Димитриев. Според него, присуството во Ватикан на македонската делегација е одраз на почит на нејзината големина. Премеирот потврди дека делегацијата имала куса средба со папата Франциск која е искористена уште еднаш да ја реафирмираат поканата за негова посета на Македонија, пренесе МИА .
„Во овие моменти на, условно кажано, политичка криза која Македонија ја држи подолг период убава беше приликата да се сетиме на делата на Мајка Тереза и за можноста тие вредности да ги споделиме во овие моменти кога имаме силна политичка битка меѓу политичките партии дека сепак хуманоста, добродетелта, почитувањето едни со други, вредности што ги промовираше Мајка Тереза, апсолутно би ни помогнале во надминување на оваа политичка криза, бидејќи нејзината помош не беше условена ниту од вера, ниту од боја на кожата, ниту од раса“, проача Димитриев и додаде дека нејзината космополитска димензија беше круна на сето она што таа го има направено за човештвото и дека ќе биде поука за идните генерации да земат пример од делата што ги правеше Мајка Тереза.
Челникот на владејачаката партија ВМРО-ДПМНЕ, до неодамнешен премиер Никола Груевски, пак, поведе иницијатива за востановување одликување „Oрден за заслуги Мајка Тереза“, во чест на нејзиното животно дело.
„Овој ден е историски, неповторлив и беше исклучителен настан. Ми беше огромно задоволство што бев тука во Ватикан на овој значаен чин. Иницијативата која ја покренав денеска е резултат на неколкумесечни размислувања и разговори со еден почесен конзул. Јас сум голем почитувач на делото на Мајка Тереза и конзулот исто така. Имавме долги разговори на оваа тема вклучувајќи ја темата за ордените. Поразговарав и со други луѓе да ја тестирам идејата и се одлучив денеска пред да се прогласи за светица да ја објавам и да дадам одредени објаснувања како тоа го замислувам. Таа идеја може да се надгради и прошири. Мајка Тереза е планетарна личност. Таа е од Скопје, но припаѓа на целиот свет. Како премиер сум патувал во многу држави и сум се уверил дека секаде знаат за неа и за нејзиното дело, нејзините активности, животот и нејзината жртва. Кога бев во Хонгконг гувернерот кој ме прими на разговор, во себе носеше календар со Мајка Тереза. Кога бев во Катар, министерот за енергетика на Катар ми зборуваше за Мајка Тереза“, рече Груевски за телевизијата НОВА.
„Идејата за воспоставување на врачување на орден ќе биде добра за секого. Ќе биде добра за дополнителна афирмација на животот и делото, жртвата и филозофијата на живеење на Мајка Тереза. Ќе биде афирмација и за Република Македонија. Ќе биде момент кога Македонија ќе се спомне ќе се поврзе со личност која во светот има големи заслуги. Мојата иницијатива е тоа да биде за жена за високи достигнувања во различни области. Ордените обично во светот ги собираат мажите и добро е да има еден орден за жена. Мислам дека ќе биде голема чест за секој кој ќе ја заслужи и прими оваа награда“, појасни Груевски./крај/мф/
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

