Македонија
МОСТ: ДИК да издаде прецизно упатство за пријавување сомнителни податоци во избирачкиот список
ДИК да го појасни правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување на теренска проверка заради ажурирање на истиот, бара Граѓанската асоцијација МОСТ.
Имено, во четвртокот Државната изборна комисија (ДИК) ја објави новата интернет страница која нуди опција за проверка на подетални податоци во Избирачкиот список. На овој начин граѓаните првпат, покрај можност за проверка со внесување на ЕМБГ, имаат можност да ги проверат и останатите податоци во Избирачкиот список, преку внесување на адреса на живеење, како и име и презиме. По објавувањето на оваа нова можност за проверка на податоците се појавија индиции за (не)точноста на истите, но и голем број на нејасности на начинот на кој граѓаните можат за ги пријават овие нерегуларности, сметаат од МОСТ.Имено, доколку при проверка во Избирачкиот список објавен на интернет сраницата на ДИК се утврди дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците кои ги содржи Избирачкиот список, согласно Изборниот законик, секој граѓанин има право да поднесе барање до Подрачното одделение/канцеларија на Државната изборна комисија за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое ќе приложи и соодветна документација.„Сепак иако е објавена информацијата за тоа дека секој граѓанин може да поднесе барање за промена на податоци во ИС, ја повикуваме ДИК паралелно да го прецизира „Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување на теренска проверка заради ажурирање на истиот“ за граѓаните да ја разберат процедурата и истата да ја спроведат ефикасно, брзо и едноставно. Имено, во овој Правилник недостасува упатство за начинот, како и неопходните документи кои граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на ИС, а не се предвидени и опфатени со истиот“, велат од МОСТ. МОСТ ја повикува ДИК да делува брзо, одговорно и транспарентно, имајќи ги предвид големиот број на нејасности кои ги увидоа граѓаните. Од опозициската СДСМ, во петок велат дека оправдано повикувале најпрво да се прочисти Избирачкиот список, за да може да се спроведат фер, демократски и регуларни избори. „Неполни 24 часа по објавувањето на избирачкиот список од страна на ДИК, само се потврдија сомневањата на СДСМ за состојбата во Избирачкиот список и со ова само се поткрепува потребата во Република Македонија најпрво да имаме прочистен избирачки список, за да имаме слободни, фер и демократски избори“, рече Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.Од четвртокот, граѓаните може да ги проверат своите податоци или дали ги има на избриачкиот список, на три начини, со внесување на матичниот број, со име и презиме и преку внесување адреса. Токму третата можност откри низа неправилности, кога во повеќе станови најчесто во Скопје, беа забележани и по 66, 53, дури и 117 луѓе запишани во избирачкиот список на сита адреса. Исто така, се забележува дека не фунционираат полињата за дополнителни податоци во адресата, како број на стан и влез. Многумина на социјалните мрежи напишаа дека имаат уште по неколку члена во станот во кој живеат, а кои се запишани да гласаат на нивната адреса, а тие не знаат за нив. Има и неизбришани жители на станови веќе продадени на друг, кој исто така, покрај старите сопственици сега е запишан да гласа на таа адреса. Некои соседи, се „симнале“, по неколку ката па место во еден запишани се во стан со друг број.Од ДИК, во четвртокот појаснија дека секој што забележал некои неправилности во избирачкиот список, ќе можат во подрачните канцеларии на ДИК да достават информација, а ДИК законски ќе постапи по нив, а ако забележале неправилности со соодветна документација и со барање исто до подрачните канцеларии ќе можат да интервенираат во прочистувањето.Од таму, рекоа и дека се уште трае вкрстеното прочистување на списокот, со базите на податоци од десетина институции, но дека не знаат кога ќе заврши, а штом заврши, списокот повторно ќе биде ажуриран./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

