Македонија
Заев до Оланд: Сочувство и силна поддршка по ужасните терористички напади
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по ужасните терористички напади во Париз упати телеграма со сочувство и поддршка до францускиот претседател Франсоа Оланд, до семејствата на жртвите и до граѓаните на Париз и Република Франција.
„Изразувам искрено и длабоко жалење и сочувство, за жртвите во грозоморните терористички напади што минатата ноќ го потресоа Париз и светот, во мое име, во име на Социјалдемократскиот сојуз и на граѓаните на Република Македонија.
Ја споделуваме огромната болка. Нашите мисли од синоќа се кон стотиците жртви и повредени во тешките терористички акти, со нивните семејства и со граѓаните на Република Франција.
Нападите на Париз се напад врз целото човештвото.
Никој нема право да го одзема мирот, спокојот, сигурноста и безбедноста на граѓаните каде и да живеат.
Ужасните вести, фотографии и снимки од експлозиите на повеќе локации во Париз, стадионот Стад д Франс, концертната сала Батаклан што се уште ги вознемируваат граѓаните на Франција но и целиот свет се мотив уште пообединето да се застане на патот на злото на 21 век, тероризмот.
Даваме силна поддршка на Вас претседателе Оланд, на државниот врв на Франција и на граѓаните во земјата, за смирено, мудро и одлучно справување со предизвикувачите на инцидентите со трагични последици во огромни размери.
Се солидаризираме во таа битка на граѓаните на Франција и се ставаме на располагање да помогнеме според нашите можности“, се вели во телеграмата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

