Македонија
Прв случај на СЈО „Титаник“, осомничени Јанкулоска и Јанакиески
Специјалното јавно обвинителство го отвори првиот случај „Титаник“, односно го отвори првиот предмет за изборните нерегуларности и утрово побара притвор за осум лица осомничени за изборите и гласањето во 2012 година, а едно лице е веќе уапсено и се наоѓа пред Судија на претходна постапка.
Обвинителката од специјалното обвинителство Фатиме Фетаи ги спомена осомничените во изборните измами по функција, од што можеше да се заклучи дека првоосомничени во овој предмет се поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и секретарот на Владата во 2012 година, Кирил Божиноски. Но, од Обвинителството не прецизираа дали токму за овие лица е побаран притвор. Лицето коешто било уапсено имало двојно државјанство, а медиумите веќе јавија дека станува збор за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.
Притворот е побаран поради стравување за влијание на сведоци, а Темелко е уапсен поради стравување од бегство.
Од Основниот суд 1 велат дека сите предлози од Специјалното јавно обвинителство се распределени кај судии на претходни постапки кои натаму ќе одлучуваат за одделните случаи.
За овој случај, Обвинителството располагало со вербални и материјални докази, но „бомбите“ кои ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев за изборите не биле доказ во оваа постапка.
Специјалното јавно обвинителство отворило истражна постапка против повеќе лица кривични дела, злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.Како што образложи Фетаи, во 2012 година министерот за внатрешни работи, министерот за транспорт и врски и секретарот на Владата, сите членови на Извршен комитет на партија (под претпоставка – владејачката ВМРО-ДПМНЕ), заедно со други, засега непознати лица, создале група и план и на повеќе лица незаконски им овозможиле да гласаат, врбувале и носеле лица од странство да гласаат на изборите, но и преку насилство влијаеле на изборниот процес со цел нивната партија да победи на изборите и да остане на власт.„Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот г-дин Прибе“, рече Фетаи. Освен со ова, на изборниот процес се влијаело и со насилство, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања.„Министерот за внатрешни работи ја впрегнал целокупната, и човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа. Избирачкиот список да не стане забуна, по закон го води ДИК, меѓутоа податоците во истиот, речиси во 90 отсто се податоци кои потекнуваат од службите во МВР. Се разбира дека тука се вклучило и Министерството за правда преку матичните одделенија, меѓутоа кај нив дејствијата сé уште се во фаза на основи на сомнение. Конкретно, кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи Министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел“, појасни Фетаи. Првин се вршело фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа се вметнале нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. Но во целиот овој систем, како што изјави Фетаи, имало полицајци и вработени во управните служби кои одбиле да ги вршат овие незаконски дејствија. Специјалното обвинителство во петок отвори истрага и против членови на Општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постоело основано сомнение дека сториле кривично дело „изборна измама“, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на Општина Чаир во 2013 година наводно извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата, исто така, е поднесен предлог за определување мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците.Отворена е, исто така, истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четворица членови на Државна изборна комисија (ДИК) од 2013 година за кривично дело – „Злоупотреба на службената положба и овластување“.„Извесно е дека истрагите ќе се прошируваат и нема да биде поштеден никој кој дејствувал на криминален начин“, порача Фетаи. Освен овој случај Специјалното јавно обвинителство започнало и други повеќе предистражни постапки, а се правата проверки и отворање и на други предистражни постапки. Засега започнати се предистражни постапки за предметот„ Маѓар Телеком“, кој е побаран од обвинителството за организиран криминал, како и за аферата во јавноста позната како „Надеж“ за кој предмет е изготвено писмо со барање за достава.
Изборните измами се првиот предмет кој го отвори новото обвинителство, иако според нив овој предмет е втор по важност, по прислушувањето „каде е нападнат целокупниот уставен и правен поредок и особено најважните човекови права“.
Овој предмет е се уште во предистражна постапка и од Обвинителството не соопштуваат детали./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

