Македонија
Работата на Анкетната за прислушувањето заглави на Деловникот
Членовите на Анкетната комисија за прислушувањето на првата седница се соочија со блокада околу деловникот за работа на комисијата.
Претседателот на комисијата, Петре Шилегов, рече дека им го испратил деловникот на сите членови по електронска пошта, на 19-ти ноември, и дека во мејлот ги замолил сите забелешки да му ги испратат или да го контактираат, со цел денешната седница да тече без проблеми. Но, членовите на комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека такво нешто не пишувало во мејлот и дека сфатиле оти забелешките за деловникот треба да ги изнесат на денешната седница.Една од забелешките е претседателот на комисијата да има право на два гласа во случај кога некоја одлука ќе се донесе со еднаков број гласови.„Ајде да донесеме одлука претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, да има право на 82 гласа“, рече пратеникот Павле Саздов од владејачко ВМРО-ДПМНЕ.Претседателот на комисијата, Шилегов појасни дека ваквото решение е предложено за да не се доведе комисијата во ситуација да биде заложник на една партија, имајќи го предвид бројот на нејзините членови.Независната пратеничка Роза Топузова Каревска имаше забелешка за членот кој пропишува дека седница на комисијата може да се одржи без оглед на тоа колку членови се присутни. Според неа, излагања за време на сведочењата и одговорите, треба да бидат прецизно одредени колку ќе траат. Владанка Авировиќ од социјалистите смета дека потреба седниците на комисијата да се пренесуваат на собранискиот канал, кога на седниците на Комисијата има присутни претставници на медиумите. За да се излезе од денешниот ќор-сокак, членови од ВМРО-ДПМНЕ предложија забелешките по Деловникот да се разгледуваат една по една на денешната седница или, пак, да се избере по еден претставник од секоја партија од комисијата и на координација со претседателот на комисијата, да ги усогласат ставовите по деловникот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Доделени 138 стипендии во науката, спортот, културата и социјалната поддршка
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска додели 8 стипендии за ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства.
„Секое дете заслужува еднаква шанса. Продолжете да учите, да се трудите и да ги следите своите соништа. Успехот доаѓа кога веруваме во себе и кога не се откажуваме,“ порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Со ова, вкупниот број на доделени стипендии во учебната 2025/2026 година достигна 138, во области на наука, спорт, култура и социјална поддршка.
Македонија
Мицкоски: ФЗО беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи ја претвораме во стабилна институција
Фондот за здравствено осигурување беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи и правилни политики ја претвораме во стабилна и модерна институција, изјави премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на ФЗО.
„Оваа институција во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет. Граѓаните гледаа директори со пари, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните. Тоа создаде недоверба, сомнеж и разочарување. Но денес тоа не е случај. Денес ФЗО функционира со јасни правила, силни механизми на контрола, со транспарентно управување и со ревидирани процедури. Денес ФЗО е институција која го врати својот интегритет на единствениот начин на кој тоа е можно – со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. И морам да кажам дека Сашо Клековски заврши одлична работа“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека кога дошле на власт, затекнале здравствен систем во целосна деградација: со дефицит на кадар, со нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите.
„Наместо тоа да биде изговор, ние го претворивме во мотив. Во изминатата година и половина Владата на Република Македонија покажа што значи вистинска посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел: да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека власта ја води најсилната кадровска политика во последната деценија. „Во изминатиот период 1.500 договорци добија можност да преминат на сигурни работни места. Имаме 600 нови специјализанти, од кои 300 веќе се вработени. И потпишавме долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство секоја година до 2028 година. Ова не е трошок – ова е инвестиција во срцето на здравството, во луѓето“, рече Мицкоски.
Дополнително, додаде тој, Владата обезбеди историски најголем буџет за ФЗО до сега – 53 милијарди денари. „Тоа овозможи 33% зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите, 23% зголемување за стоматолозите, 17% кумулативен раст на платите во јавното здравство од кои 9.5% е реален раст, и 107% зголемување на условениот надоместок за нови иновативни лекови. Ова не се бројки на хартија. Ова се бројки што ја менуваат реалноста на пациентите, на здравствените работници и на целиот систем“, рече премиерот.
Македонија
Општина Ѓорче Петров одбележа 81 година од ослободувањето
Со пригодна свеченост во реонскиот парк, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 ноември – Денот на ослободувањето на општината, ден кога пред точно 81 година слободата го пронашла својот пат и го означила почетокот на новото поглавје во историјата на оваа заедница.
На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на делегации, советници, вработени во општината и бројни граѓани, кои со пиетет се потсетија на храброста и жртвата на борците кои ја донеле слободата.
Во своето обраќање, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека 14 ноември е ден на гордост, благодарност и обврска кон минатото и иднината.
-Ова е денот кога слободата го пронајде својот пат и ја запечати судбината на ова место како симбол на отпор и достоинство. Нашата должност е нивната жртва да не се заборави, нивните имиња да останат врежани во колективната меморија, а нивниот дух да не води и во современите времиња – рече Стојкоски.
Тој додаде дека современо Ѓорче Петров денес е општина на развој и можности.
-Денес Ѓорче Петров е симбол на развој, на нови можности, на заедништво и човечка срдечност. Го градиме како современа и просперитетна општина, каде што секој граѓанин има право на достоинствен живот, безбедност и квалитетна инфраструктура – нагласи Стојкоски.
Градоначалникот потенцираше и дека љубовта кон татковината не се мери со зборови, туку со дела.
-Љубовта кон својата земја се покажува со секојдневна посветеност, со секое засадено дрво, секоја изградена улица, училиште, градинка и секој проект што го подобрува животот на граѓаните. Слободата не се подарува – таа се заслужува, се брани и се гради секојдневно – подвлече Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

