Култура
Париската катедрала Нотр Дам слави 850 години
Иако не е ниту највисока, ниту најстара на светот, но без сомнение е најпознатиот париски храм катедралата Нотр Дам посветена на Влажената Дева Марија во 2013 година прославува 850 години од подигнувањето.
Соборниот храм Нотр Дам, претставува ремек-дело на готската архитектура на островче на Сена, низ вековите стана сведок на најзначајните настани во француската историја. Имено за 850-те години откако е подигната во Франција се смениле 80 кралеви, два цара, пет републики и две светски војни, а во тејот на Француската револуција била ограбена и речиси уништена.
Пред гротескните скулптури на горниот дел од фасадата на храмот коишто треба да штитат од злите дуси, се одвивале и мигови на слава и трагедии, но Нотр Дам ги надживеа сé и во 2013 година ќе го прослави 850-годишниот јубилеј.
Првиот камен на овој париски храм бил поставен во 1163 година за време на бискупот Морис де Сули, а изградбата траеле 180 години, до 1345 година.
Под нејзините сводови крстоносците се молеле пред да заминат на поход во Светата земја, во 1431 година англискиот крал Хенри Шести тогаш како десетгодишно болежливо момченце е крунисана за крал на Франција, а во 1804 година Наполеон е крунисан како цар на Франција.
Музиката има значителна улога во постоењето на катедралата од самите нејзини почетоци, па оттаму музиката ќе биде во центарот на големиот јубилеј. Во годинава која штотуку настапи многуте хорови од храмот Нотр Дам ќе оживеат некои од најстарите мелодии на христијанството, следени од обновените оргули.
„Музичката школа била многу влијателна. Знаеме од манускриптите кои ги откривме, дека влијаела на музиката низ цела Европа, во Шпанија, Италија, Германија и Англија“, вели директорот на хорот на катедралата Нотр Дам, Силвен Диедон.
Катедралата е позната и по своите камбани, чиј звук го маѓепсаа грбавецот Квазимодо, нејзиниот ѕвонар од славниот роман на Виктор Иго. Најголемото ѕвоно е наречено Емануел и е поставено на јужната кула во 1685 година. Неговото ѕвонење ги одбројува часовите а во 1944 година го означи ослободувањето на Париз од фашистичката окупација.
Помалите ѕвона од северната кула не се оригинални и ќе бидат повторно излиени. Оригиналните ѕвона француските револуционери ги истопиле за топовски ѓулиња, а другите коишто биле поставени во XIX век не ѕвонеле складно. Осум ѕвона се лијат во Нормандија, во местото Виледју-Ле-Поеле, при што користат древните египетски методи, калапи од коњски влaкнa и ѓубрива.
„Тоа на ѕвоното му дава совршена патина, далеку подобра отколку да работите со песок и цемент. Меѓутоа користиме, исто трака, и многу компјутеризирани техники за да го обликуваме звукот на ѕвоната. Ќе користиме спектрална анализа за проверка на крајниот звук. Сите ќе бидат ускладени со големото ѕвоно Емануел. Тоа е навистина спој на најдобрата технологија и најдоброто од традицијата. Веруваме, дека кога ќе завршиме, тоа ќе бидат најдобрите ѕвона во Франција“, вели Пол Бергамо, директор на леарницата во Виледју-Ле-Поеле.
Со прославата на големиот јубилеј ќе се одаде почест и на архитектурата. Катедралата, се истакнува со симетричност и урамнотеженост на архитектонските елементи и е една од првите згради во светот со надворешни потпорни лакови, а за 850-годишниот јубилеј е подобрено и осветлувањето.
Париската катедрала Нотрд Дам секоја година ја посетуваат 14 милиони туристи, а во 2013 година се очекуваат 20 милиони гости./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

