Македонија
Собранието ги избра новите министри од ДУИ
Со најмногу 73 гласови „за“, околу 30 „против“, и еден воздржан, Собранието на попладневната седница, ги изгласа новите предлози за министри и заменици министри од редовите на владејачката ДУИ, откако, премиерот Емил Димитриев ги поднесе предлозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, до Собранието
Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, пред пратениците образложи дека станува збор за ресори кои се испразнија по оставките на министрите кои доаѓаат од ДУИ и беа констатирани од страна на Собранието на Република Македонија на вчерашната седница.Иако техничикиот премеир претходно одби два предлози на ДУИ за министри и заменици, сепак на крајот ги повика пратениците да гласаат, бидејќи според него „ само ги пополнуваат испразнетите места на министрите кои си дадоа оставка“. За Димитриев се претпоставуваше дека е неприфатливо што еден од кандидати, Максути во 2012 година во униформа на АРМ, заедно со тогашниот министер за одбрана Фатмир Бесими се поклонија пред споменикот на ОНА во Слупчане.„Имајќи во предвид дека се работи за Влада на спроведување на изборите која е договорена со политичките партии која има ограничен мандат и имајќи го предвид краткиот рок сметам едка коректно да се прифати предлогот за нови членови на Владата. Очекувам овие лиац да пристапат со максимална посветеност, согласност Уставот“, рече Димитриев.Според ДПА, ДУИ се во Влада само за да местат тендери, а сметаат дека иако повеќепати најавувале дека ќе излезат од владата тоа не се случило. Со овој потег, само ги отстраниле оние министри кои работеле и краделе само за себе.Ермира Мехмети, од ДУИ, образложи дека ДУИ предложила нова генерација млади Албанци од Македонија, кои се со повеќе титули, но не се сервилни и потчинети. Тоа се нова генерација, еманципирани Албанци, рече Мехмети.СДСМ нема да го поддржи изборот на овие министри, затоа што како што појасни пратеникот Петре Шилегов, ова е дел од добро смислено сценарио на криминални банди. Помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА има знак на равенство, а сите работат против доброто на државата, смета тој.Александар Николовски, реплицирајќи му, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие предлози, затоа што СДСМ прави се да се одложат изборите, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ секогаш имале добра соработка. Сериозни забелешки на предлозите имаше независната пратеничка Роза Топузова Каревска, на нивните биографии, не само заради нивната младост, туку и заради нивните работни искуства.„Мехмети неколку пати повтори дека ова е најдоброто што го имаат во ДУИ, но кажа колку биле лоши оние кои биле претходно. Ако ја имаме предвид ситуацијата, вакви ситуација имало многупати меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако овие биле најдоброто, зошто сега, на два дена пред распишување на изборите“, праша Топузова – Каревска, додавајќи дека со о ова не може да се амнестираат, „ниту од вашите политики, ниту од вашето владеење во претходните мандати“. Најави дека нема да гласа ниту „против“ ниту „за“, и покрај тоа што некои имаат добри биографии, туку „воздражно“, затоа што смета дека овие луѓе се злоупотребени.На 100 –та седница на Собранието беа избрани, а положија и свечена заклетва Фестим Халили за заменикпретседател на Владата задложен за европски прашања, Арбер Адеми за заменик претседател на Влада задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери за министер за правда, Пиштар Лутфиу за министер за образование и наука, Дритон Кучи министер за економија, Башким Ахмети за министер за животна средина и просторно планирање, Шухрете Елези за министер за локална самоуправа, Арлинд Зеќири за министер без ресор задолжен за странски инвестиции. Беким Максути е заменик министер за одбрана, Агим Нухиу заменик министер за внатрешни работи, Фатон Положани заменик министер за транспорт и врски и Гзим Беадини заменик министер за финансии./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Цела Македонија во колапс“, велат од СДСМ
„Криминалната ВМРО ги изненади снег во јануари. Институциите не функционираат, патиштата и улиците не се исчистени. Фотографиите од колапсот во Скопје и во Македонија покажуваат дека сообраќајот е небезбеден“, велат од СДСМ.

„Граѓаните се оставени сами ама градоначалниците и функционерите од ВМРО тријат раце. Тендерите за чистење снег се едни од омилените на ВМРО.
Снежните наноси по патиштата се идила за градоначалниците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои уште денес ќе фактурираат илјадници тони сол.
Сепак тешко е солта да се доброи па останува да ги бројат парите кои ги украдоа од граѓаните.
Нема пари за плати, за пензии, за опрема за чистење. Пари има само за тендери за ортаците на ВМРО и Мицкоски.

Со криминални политики вака ќе изгледа иднината на Македонија – блокирана од сите. Црна точка во Европа“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова организираше традиционален годишен прием за дипломатскиот кор во Охрид, каде што пред претставници на амбасадите и меѓународните организации упати силна порака за мир, дијалог и еднаков третман на државите во европската интеграција.
Таа на присутните им посака среќна и успешна година, нагласувајќи дека дипломатите претставуваат знаење, умереност и упорност во потрагата по решенија преку дијалог, а не преку конфликти и уцени.
„Дипломатијата не е само протокол, туку цивилизациски механизам што урива ѕидови и гради мостови“, рече таа, додавајќи дека претпочита тркалезни маси наместо мапи на фронтови.
Претседателката ја посочи важноста на културната, економската и научната дипломатија, а во центарот на говорот ја стави потребата од нов мултилатерализам – што ќе штити мали и ранливи држави и ќе го почитува меѓународното право.
Остра критика за односот кон проширувањето
Сиљановска-Давкова упати и критика кон пристапот на ЕУ, нагласувајќи ја опасноста од политичка арбитрарност и двојни стандарди.
„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!“, рече претседателката.
Додаде и дека тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.
„Ако проширувањето стане процес во кој секој нов член го редефинира патот на следниот – Унијата ќе го изгуби она што ја прави Унија“, додаде претседателката.
Во обраќањето, таа се осврна и на трагедијата во Кочани, нарекувајќи ја „болна траума“ и се заблагодари за поддршката од меѓународната заедница, која преку дипломатите покажала солидарност и пријателство.
Во завршниот дел, Сиљановска-Давкова истакна дека европската перспектива мора да биде кредибилна и рамноправна:
„Не бараме привилегии – бараме критериуми. Проширувањето не е само тест за кандидатите, туку и за демократскиот капацитет на Унијата.“
„Западниот Балкан не смее да се третира како периферија на периферијата. Тоа е европски предизвик и безбедносен приоритет“, заклучи претседателката, со порака дека заедничката иднина се гради преку партнерство, разбирање и доверба.

