Култура
Бек објавува нов албум кој не се слуша, туку се чита

Американскиот музичар и текстописец Бек, инди-рок херој од 1990-те кој во своите дела ги обединува критиката на општеството и музичките и лирските експерименти, се реши за сосема нова форма неконвенционалност со својот нов албум кој нема да содржи музика.
Според пишувањето на The Washington Posta, Бек во соработка со американската издавачка куќа McSweeney’s, своите нови 20 песни решил да ги објави печатени во форма на нотен запис. Оттаму, неговите обожаватели неговиот нов албум наречен „Song Reader“, доколку сакаат да го преслушаат. Ќе мора самите да го отсвират.
Не станува збор дека музичарот веќе не може да пее или да работи на пултот за миксување, пишува ги The Washington Post, поставувајќи ги прашањето дали станува збор за протест и своевидно казнување на сите оние коишто бесплатно ја „симнуваат“ и копираат музиката.
Куќата McSweeney’s, пак, во најавата на проектот на својата интернет страница истакнува дека станува збор за експеримент чија цел е да се „истражат алтернативните облици на музичкото издаваштво на крајот од 2012 година“.
„Најновиот албум на Бек ќе биде објавен во речиси заборавена форма – 20 песни коишто постојат само како поединечни нотни записи, никогаш објавувани, ниту снимени.. Тие песни се недвојбено возбудливи, како и што би очекувале од нивниот автор, меѓутоа доколку сакате да ги слушнете ‘Do We? We Do’ или ‘Don’t Act Like Your Heart Isn’t Hard’, че мора сами да ги оживеете“, се истакнува во најават за албумот на Бек.
Пакетот содржи 108 страници со 20 индивидуални тетратки на целосни нотни записи во боја, од кои 18 со оригинални текстови и два инструментала, дополнет со корици направени од повеќе од десет различни уметници.
Станува ли збор за сосема нов и храбар пристап кој ќе ги натера консументите на музиката да гледаат од сосема поинаква перспектива или, пак, за креативен начин преку кој бројот на луѓето коишто ја слушаат музиката на Бек ефектно да се намали на минимум или, можеби, за официјално најналудничавиот рок потег во историјата? Во секој случај, неговите обожаватели ќе можат самите да просудат кога „албумот“ ќе се појави во продажба во декември годинава./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).
Култура
Објавен првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик

Во издание на „Бата прес“ објавен е првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Објавувањето на речникот е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2024 година.
Својата прва промоција речникот ќе ја има на годинешниот Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“, на штандот на издавачот, во вторник, во 11.30 часот. Речникот ќе го претстават рецензентката проф. д-р Весна Костовска и авторката редактор проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се поместени зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник како плод на повеќегодишен труд ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи првиот македонски правописен прирачник Македонски правопис со правописен речник од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до Правопис на македонскиот јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Соработници на проектот се Марија Антевска, Филип Белчев и Македонка Додевска.