Македонија
МТВ: Со нападот на веб страницата се кочат проектите кои ги спроведуваме
Со нападот на веб страницата на Министерството за транспорт и вски директно се кочат проектите што ги спроведуваме за економски развој на Македонија, реагираат од Министерството за транспорт и врски откако беше хакирана официјалната страница на Министерството.
„Ако се има предвид дека од веб страната граѓаните не можат да ги преземаат бесплатните проекти за типските куќи, ако граѓаните и бизнисмените не можат да имаат увид во јавните објави за отуѓување на градежното земјиште или се нема увид во транспарентноста на работењето на Министерството, тогаш сметаме дека секој обид за онеспособување на веб страната е директен обид за блокирање на проектите што ги реализираме“, се вели во реакцијата на Министерството. Страницата е нападната од страна на извесна група која се претставува под името “Анон плус Анонимуси” и е оневозможен секаков пристап до информациите што произлегуваат од секојдневната работа на Министерството./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Умре колега на кој треба да му се изигне споменик, а возач на Итната помош е најпонижуваната и неплатена професија, вели колега на Иле Гоцевски кој почина по кобната ноќ

Стефан Бурназов работел кобната ноќ и следниот ден заедно со возачот на Итната медицинска помош Иле Гоцевски, кој трагично почина по неуморната и тешка работа за помош на повредените млади луѓе.
Бурназов на социјалните мрежи напиша дека заедно неговиот драг и непрежален колега Гоцевски 24 часа го оставиле срцето на терен.
„На раце ми останаа телата на безброј деца и млади меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката ,траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце“, пишува Бурназов.
Тој му се обрати на министерот за здравство, Арбен Таравари, прашувајќи го дали знае дека најпонижуваната и најнеплатената професија е да си возач на Итната Медицинска Помош.
„Во неколку наврати сме понижувани од Повисокиот медицински персонал, од роднините на пациентите, третирани сме како дно под дното, газени и газени како да не постоиме. Ние работиме се’: кога е потребен доктор – доктори сме, кога е потребен мед техничар, и тоа сме, кога е потребен болничар, и тоа сме… Знаеш ли дека ни сме се’, а всушност сме ништо! Одговорноста при транспорт на пациентот, докторот и сестрата е наша! Одговорност имаме за се’ , плата имаме – ништо! Најмала плата, најмал Бенифециран стаж! Кога се покачува плата во здравство ние сме административно технички персонал! Во очите на другите, ние сме никој и ништо! Не очекувам да се смени нешто, но луѓето треба да сфатат дека полицаецот, докторот и сестрата не се ништо повеќе од Нас! Почина колега , на кој треба да му се направи споменик. За мене тој не беше само колега , тој е херој!“, пишува колегатаа на Гоцевски.
На овој коментар, тој доби одговор од министерот Арбен Таравари, кој изрази неизмерно жалење за загубата на Иле, опишувајќи го како човек кој даде се од себе во оваа незамислива трагедија.
„За мене тој не беше само возач, туку спасител, човек кој стави други животи пред својот сопствен. Неговата жртва нема да биде заборавена, а неговото име треба да остане врежано како симбол на човечност и пожртвуваност“, напиша Тараври.
Министерот вели дека е свесен оти работата на возачите на Итната медицинска помош честопати знае да биде занемарена или да биде во сенка, и тврди дека тоа не смее да биде така.
„Никој што спасува животи не смее да биде понижен, невидлив или потценет. Вие не сте „административно-технички персонал“. Вие сте тие што први стигнувате кога нечиј живот виси на конец. Вие сте рацете што носат надеж. Она што можам да го ветам е дека вашиот глас ќе биде слушнат. На Вашиот колега Иле и на сите вам што сте го оставиле срцето на терен во оваа трагедија ви должиме повеќе од само зборови“, напиша Таравари.
Министерот во продолжени вети дека време е ова прашање да биде отворено на највисоко ниво, а тоа нема да го заборави.
Веста за смртта на возачот на Итната помош, Иле Гоцевски, дополнително ја продлабочи тагата. Тој дошол дома по тешката ноќ и работниот ден во кој ги превезувал повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Заспал и повеќе не се разбудил.
Македонија
Да не се шират дезинформации во врска со бројот на загинатите, бидејќи дополнително се зголемува вознемиреноста во јавноста, порачуваат од Владата

Во врска со трагедијата во Кочани, Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените.
„Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите.
Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите.
Бројките ги утврдуваат официјалните медицински и истражни служби кои работат на терен. Владата инсистира на целосна транспарентност и јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови детали поврзани со истрагата“.
Апелираат до медиумите и граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации.
Ова, потенцираат од Владата не е време за манипулации, туку за заедништво, почит и одговорност.
Владата, напоменуваат од таму, останува посветена на расчистување на сите аспекти од оваа трагедија и преземање на сите неопходни мерки за да обезбеди правда и поддршка за семејствата на жртвите.
Македонија
Таравари: Сите хоспитализирани пациенти во Солун во моментот се во стабилна состојба

Министерот за здравство д-р Арбен Таравари, денеска во раните утрински часови заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски и д-р Илир Вела, пристигнаа во Солун со цел да ги посетат и да се информираат за здравствената состојба на хоспитализираните пациенти.
„Ги посетивме Општата болница Папаниколау и Воената болница во Солун и во овој момент можам да информирам дека сите пет пациенти примени во овие установи се во стабилна состојба. Изразувам искрена благодарност до нашите колеги во Солун, како и до грчкиот народ и владата, за нивната посветеност и поддршка, како и помошта која ни ја пружија во овие моменти“, изјави министерот Таравари.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.