Македонија
Димитриев со честитка по повод 8-ми Септември – Денот на независноста
Пред точно 25 години, силно верувајќи во вековната идеја за независност и самостојност, водени од илинденската и асномската идеја и аманетот на нашите предци за труд, постојанство и одлучност во промоцијата и заштитата на националните интереси, македонските граѓани ја донесоа одлуката за слободна, независна и суверена Република Македонија, се вели во честитката на премиерот Емил Димитриев по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
„Одлука која значеше остварување на вековниот сон на нашите предци и триумф на нашата вековна борба. Токму затоа 8-ми Септември е нашиот трет Илинден – празник кога ја славиме нашата независност и кога ја прославуваме нашата победа. Празник кога оддаваме почит и благодарност до сите наши предци кои со својата храброст, пожртвуваност и посветеност го трасираа патот на независна и самостојна Република Македонија, но и празник кој не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава и за дејствување кое секогаш е водено од добра мисла и добра намера“, стои во честитката.
„Достоинствено чекорејќи по патот на независноста, Република Македонија изминативе 25 години се соочуваше со бројни предизвици како на домашен така и на меѓународен план. Години во кои остваривме бројни успеси и позитивни резултати, но и години во кои преминавме низ многу премрежја и негативни процеси. Години во кои покажавме дека пред се македонските граѓани имаат капацитет, сила и знаење да се соочат и да го надминат секој предизвик, демонстрирајќи при тоа огромна одговорност, мудрост и посветеност секогаш кога станува збор за интересите на државата“, вели Димитриев.
„Живеејќи во период кога Република Македонија е исправена пред нов предизвик за конечна разрешница на политичката криза која подолг период е присутна во нашата држава, силно верувам дека граѓаните на Република Македонија, кои од 8-ми Септември 1991 година се свои на своето, на претстојните избори уште еднаш ќе ја покажат на дело својата мудрост и одлучност, и дека како многупати досега, Република Македонија и од оваа криза ќе излезе посилна и ќе продолжи да чекори по трасираниот пат за развој и просперитет. По патот кој значи реформи и проекти за подобар живот, борба за економски раст и развој, битка за нови работни места и посветеност за целосна интеграција на нашата држава во НАТО и Европската Унија. Тоа е нашата цел, тоа е интерес на секој граѓанин на нашата држава и тоа е обврска на нашата генерација за нашите идни поколенија. Да ни е честит и вековит 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија! Да живее Република Македонија!“, порача премиерот Димитриев во својата честитка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

