Македонија
Кривичниот суд ги одби мерките за претплазливост за другите три лица од „Тврдина“
Скопскиот Кривичен суд ги одби предлозите на Специјалното јавно обвинителство за определување мерка претпазливост за три лица од предметот „Тврдина“, информираат од Основен суд Скопје 1.
Во соопштението што е објавено на официјалната страна на судот се наведува дека „Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за определување мерки за претпазливост против лицата Т.Ј., Н.Б. и В.С. опфатени со предметот на СЈО познат како „Тврдина“, по сослушување на лицата во однос на предлогот, донесе решенија со кои го одби предлогот на обвинителството за сите три лица“. Пред десетина дена судот го отфрли и барањето на Специјалното јавно обвинителство за одземање на пасошот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, третоосомничена во случајот Тврдина. Во овој предмет судот единствено одреди мерка одземање на пасошот на првоосомничениот Горан Грујовски, сега веќе разрешен началник на петтата управа, за кого пак беше побаран притвор. Предметот се однесува на уништување на двата система за прислушување вредни околу 10 милиони евра. Ова не е единствен предмет во кој Кривичен ги одбива барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерки во предметите кои ги отвори по аферата со прислушувањето. По ваквите одлуки на судот во јавноста веќе подолг период се повеќе се говори за потребата од отворање специјално судско одделение кое ќе биде одговорно да постапува по предметите од СЈО. Но ова прашање не било дел од последните преговори на политичките партии./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата, борбата против корупцијата продолжува
Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која ја водиме во моментов и дополнителните проверки што ги спроведуваме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се силно пофалени од страна на Брисел, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека во краток рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи без застој.
„Ние како држава сме решени доследно да ја спроведеме борбата против корупцијата,“ нагласи министерот Трипуновски.
Македонија
УКИМ го одбележа Светскиот ден на науката за мир и развој: Доделени наградите за најдобри научници и уметник за 2024 година
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска се приклучи кон светската заедница во одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, кој годинава се одржува под покровителство на УНЕСКО со тема: „Доверба, трансформација и иднината: Науката што ни е потребна за 2050 година“.
На свеченоста, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, ги додели годишните Награди на Универзитетот за врвни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност за 2024 година. Добитници на признанијата за најдобри научници и уметник се:
проф. д-р Јасмина Петреска Станоева – Природно-математички факултет (најдобар научник за природно-математички науки);
проф. д-р Христијан Ѓорески – Факултет за електротехника и информациски технологии (најдобар научник за техничко-технолошки науки);
проф. д-р Драган Мијакоски – Медицински факултет (најдобар научник за медицински науки и здравство);
вон. проф. д-р Мартин Николовски – Факултет за ветеринарна медицина (најдобар научник за ветеринарни и земјоделски науки);
проф. д-р Огнен Спасовски – Филозофски факултет (најдобар научник за општествени науки);
проф. д-р Драган Даутовски – Факултет за музички уметности (најдобар научник за хуманистички науки).
Во своето обраќање, ректорката Ангелова ја истакна улогата на науката како двигател на општествениот напредок, нагласувајќи дека денес повеќе од кога било е потребна наука што гради доверба – меѓу истражувачите и општеството, универзитетите и индустријата, знаењето и етиката.
„Вие сте инспирација за сите нас, особено за идните генерации што ќе го водат нашето општество кон поинтелигентна и поодржлива иднина. Да продолжиме сите заедно да ја негуваме довербата во науката, да ја поттикнуваме трансформацијата преку знаење, и да ја градиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која науката е јадро на мирот, развојот и човековата благосостојба,“ изјави ректорката Ангелова.
Со оваа манифестација, УКИМ уште еднаш ја потврди својата посветеност кон развој на науката, иновациите и хуманите вредности како темели на општествениот напредок.
Скопје
Градоначалничката на Кисела Вода почнува со приемни денови за граѓаните
Во насока на транспарентно и отчетно работење и со цел директна комуникација со жителите, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, од оваа сабота започнува со приемни денови за граѓаните.
Како што информира општината, на овој начин се воспоставува отворен и непосреден контакт со жителите, што ќе овозможи поефикасно решавање на нивните проблеми и унапредување на квалитетот на живот во општината.
Приемните денови ќе се одржуваат во просториите на Општина Кисела Вода. Заинтересираните граѓани можат да ја закажат средбата секој работен ден, од понеделник до петок, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, на телефонскиот број 02/2785-401.
По пријавувањето, граѓаните ќе бидат дополнително известени за точното време на нивната средба.

