Македонија
Јанева работи отежнато, но има напредок
Отежнато работи Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, соопштија во петок од таму, но обвинителката Катица Јанева потврдува дека има напредок со предистражните постапки.
„Покрај ваквата состојба на отежната соработка, Ве известуваме дека во тек се повеќе предистражни постапки по предметите за кои е воспоставена стварна надлежност и постои известен напредок во истите, но во овој момент не сме во можност да соопштуваме детали, а сето во интерес на истрагата“, се вели во соопштението.Затоа што во изминатиот период особен интерес беше изразен за постапувањето на СЈО по однос на бараните материјали од СДСМ, укажуваат дека очекуваат материјалите да им бидат предадени и сите субјекти да започнат активно да соработуваат со ова Јавно обвинителство. „Појаснуваме дека соработката со субјектите до кои се обраќаме, без оглед за кого станува збор, е отежната и во оваа насока наш конкретен став за ваквата отежната соработка и мерките кои ќе бидат преземени од наша страна, ќе биде соопштен во средината на јануари“, се вели во соопштението. Исто така, од СЈО информираат дека спроведени се тендерски постапки и во тек е преземањето на градежни активности со цел адаптација на просториите каде ова Јавно обвинителство треба да биде сместено. Во тек е и постапка за добивање на безбедносни сертификати за јавните обвинители, при што на дел од обвинителите веќе им се издадени сертификати за работа со класифицирани информации со степен на класификација „Државна тајна“.Од СЈО апелираат до сите субјекти да се воздржат од етикетирање на ова Јавно обвинителство и негово ставање во функција на реализација на различни политички и други цели, бидејќи најважно во овој момент е спроведување на независни и професионални истраги, во рамки на кои доследно ќе се почитуваат начелата на тајност на предистражната постапка, објективност и легалитет во постапувањето./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

