Македонија
Вељаноски: Свикување на распуштено Собрание е грубо кршење на Уставот

Свикување на веќе распуштено Собрание, за што гласале мнозинство од пратениците, претставува грубо кршење на Уставот, појаснува претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, по повикот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за седница за повлекување на одлуката за избори, со што го услови своето заминување на преговори во Виена, во петок, свикани од европратениците.
„Согласно членот 63, став 6 од Уставот, цитирам: „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници“. Во контекст на ваквата уставна одредба, сакам уште еднаш да потенцирам дека пратениците од осмиот состав на македонскиот парламент, ваква одлука со значително мнозинство веќе донесоа, односно тие се распуштија. Тоа во суштина значи дека било какво свикување на седница на која би присуствувале пратеници кои самите веќе донеле одлука за свое распуштање е во целосна спротивност со Уставот како највисок правен акт во државата. Во оваа смисла, сакам да и’ укажам на македонската јавност дека највисоката институција за оценка на уставноста – Уставниот суд уште пред една деценија има расправано и одлучувано во врска со споменатото прашање при што, крајно логично заклучува дека, цитирам: „со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста“. Врз основа на споменатото, повеќе од јасно е дека уставните норми што се однесуваат на почетокот, траењето и завршувањето на мандатот на пратениците се сосема јасни и недвосмислени, при што секое свикување седница на веќе распуштено Собрание, би претставувало грубо кршење на Уставот на Република Македонија“, појаснува Вељаноски.Претходно, на прес конференција, Заев побара за СДСМ да учествува на средбата во Виена, неопходно е да се исполнат два преудслови, Иванов да ги повлече сите срамни одлуки за помилување што ги донесе по нарачка на Никола Груевски, спротивно на Уставот и законите и да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5-ти јуни поради неисполнети клучни услови за регуларни, слободни, фер, и кредибилни избори./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.