Македонија
Животот е подеднакво кршлив, кампања за безбедност во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на новогодишните празници, период на убаво расположение, забави, но и алкохол и брзо возење, почнува со кампањата „Животот е подеднакво кршлив” во која главниот акцент ќе биде ставен на младите и неискусни учесници во сообраќајот.
Целта на кампањата е да им покаже на младите луѓе дека брзото возење, употребата на мобилен телефон и конзумирањето алкохол при управување со моторното возило се една од главните причини за сообраќајни несреќи, и тие во комбинација со неискусен возач може да бидат предизвикувачи на сообраќајна несреќи со фатални последици.Кампањата првенствено ќе има едукативен карактер, преку специјално дизајнирани едукативни материјали кои ќе бидат поделени на споменатата популација. Тие содржат пораки и совети коишто младите треба да ги почитуваат за да бидат безбедни на патиштата.Натаму, младите преку промотивни и едукативни активности ќе се едуцираат на оваа тема. Во рамки на кампањата РСБСП ќе продолжи со совети и предавања за младите, а во Скопје и низ Македонија ќе има штандови со материјали и едукација. Во кампањата како партнери се вклучуваат ноќниот клуб „Станица 26“ и ресторанот „Барбакан“ каде што преку тематски ноќни забави ќе се едуцираат најмладите на оваа тема. Од РСБСП посочуваат дека нивната цел е преку овие активности да ги објаснат ризиците и опасности кои ги демнат при несоодветно и небезбедно учество во сообраќајот и тоа непосредно пред да влезат во својот автомобил. Инаку, статистиката покажува дека во светски рамки сообраќајни несреќи се причина број еден за смртност помеѓу младите на возраст од 15-19 години и втора причина за смртност на младите помеѓу 20-24 години. Во Македонија во првите девет месеци се случиле повеќе од 1.000 сообраќајни несреќи во кои причината била брзото возење или пак возење под дејство на алкохол./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани на ГАК во Брисел: „Механизмот за владеење на правото претставува огледало на нашата демократска совест“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа на покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ и беше посветен на владеењето на правото. Ова беше второ учество на министри од земјите-кандидатки да бидат на иста маса на формален состанок на ГАК, заедно со земјите членки, во рамки на европскиот Механизам за владеење на правото.
Состанокот беше фокусиран на Извештајот на Европската комисија за 2025 година и на состојбите во четири области: судскиот систем, антикорупцискиот рамковен механизам, медиумската слобода и плурализам и институционалните прашања поврзани со контролните механизми.
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека вклучувањето на Северна Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за европската перспектива на земјата и признание за нејзиниот напредок. Тој посочи дека учеството во формалниот Совет за општи работи, втора година по ред, претставува јасна порака дека земјите кандидати се дел од заедничките напори за унапредување на владеењето на правото во цела Европа.
Муртезани исто така посочи дека Извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат. Во продолжение, тој нагласи дека владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Според него, реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат кон стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
Муртезани потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур, дека Европската Унија нема да биде целосна без Западен Балкан и дека проширувањето е стратешки интерес на цела Европа. Тој истакна дека Северна Македонија учествува во Советот не како набљудувач, туку како партнер кој активно придонесува во заедничките напори за унапредување на демократијата и владеењето на правото.
Муртезани заврши со порака дека зајакнувајќи ја правната држава дома, Северна Македонија ја зајакнува и Европската Унија и дека овој процес не е само национален приоритет, туку заедничка инвестиција во стабилноста, сигурноста и иднината на целата Европа.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Таа ѝ посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, истакнувајќи подготвеност за соработка.
Соговорничките потсетија дека двете држави ги обединува наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, како и тридецениските пријателски односи.
Претседателката се заблагодари за континуираната и гласна словачка поддршка за македонските надворешнополитички цели, особено за членството во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО во регионалните и глобалните безбедносни прашања. За неа, отворањето на македонската амбасада во Братислава во 2021 година е важен придонес за унапредување на билатералното партнерство.
Амбасадорката Хрицова потенцираше дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за прием на нови членки. Таа вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во економијата, културата, образованието и одржливиот развој. Според неа, јакнењето на односите меѓу студентите, уметниците, претприемачите и заедниците е основата на вистинската дипломатија.
Во претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава, обете препознаваат ново поглавје во билатералните односи, што ќе ги поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Говорејќи за силните културни врски меѓу двете држави, претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, за што амбасадорката изрази големо задоволство.
Македонија
Претседателот на Собранието Гаши се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин.
На средбата претседателот Гаши изрази благодарност до пријателска Унгарија за поддршката на патот кон Европската Унија за нашата држава, истакнувајќи ја и финансиската помош на Владата на Унгарија која се вложува во подобрување на инфраструктурата и напредок на капиталните проекти.
Амбасадорот Клеин се заблагодари за средбата и му врачи на претседателот Гаши покана од претседателот на Националното собрание на Унгарија, Лало Ковер, за Конференцијата на претседатели на земјите на Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Будимпешта во ноември.
Претседателот Гаши се заблагодари за поканата и ја истакна Конференцијата како можност за средби и размени на мислења со унгарскиот колега и хомолозите од Југоисточна Европа, како форум во полза на развој на мултилатералната и билатералната соработка, како и напредок во процесот на интеграција во Европската Унија за земјите кандидати.
Претседателот Гаши и амбасадорот Клеин разменија мислења и за актуелните теми, како што се претстојните локални избори, регионалните настани и иницијативи, како и геополитичките настани во Европа и светот.
Соговорниците се заложија за интензивирање на контактите и соработката на парламентарно ниво на сите нивоа.