Македонија
Шарената револуција повика на правда и одговорност

Откако во саботата истече ултиматумот кој ткн Шарена револуција ѝ го даде на власта за признавање на уставноста на СЈО и запирање на прогонот врз демонстрантите, во понеделникот вечерта повеќе илјади нејзини приврзаници и активисти го одржуваат најавениот голем протест од кој пред зградата на Владата ги упатија своите пораки во кои се повика на одговорност, правда и слобода.
На почетокот од протестот во понеделникот, по вообичаеното собирање пред Специјалното јавно обвинителство, покрај вообичаеното бојадисување, дел од демонстрантите со камења ги скршија прозорците на министерството за правда.
Карактеристично за овој протест е што демонстрантите и активистите на граѓанските здруженија носеа обележја со кои сакаат да ги иронизираат тврдењата дека нивните протести се финансиски поттикнати и спонзорирани од меѓународни невладини организации.
Пред зградата на Владата беше претходно подигната импровизирана бина од која активистите ги повторија своите барања и пораките, меѓу кои е и барањето граѓанскиот сектор да биде вклучен во разговорите за надминување на кризата во земјата.
„Не ви се плашиме. Дојдовме за да кажеме дека сме одговорни граѓани кои решија да учествуваат во решавањето на кризата. Не сме само ние тука, сите коишто излегоа се дел од борбата. Граѓаните и партиите ќе продолжат заедно против овој режим“, истакна активистот Павле Беловски.
„Граѓаните првпат се обединети во една мисла дека треба да го урнеме овој режим и да изградиме одново граѓанска држава во која нема да има исклучени. Ве повикувам да бидеме сите сплотени како еден на улица. Нашата транзициска Македонија е мртва, се роди нова граѓанска Република Македонија, ова е историски момент за сите нас“, рече Владимир Куновски од Левица, кој мина во домашен притвор повеќе од еден месец поради демолирање на Народната канцеларија на Претседателот.
На македонски и на албански јазик на демонстрантите им се обрати и активистот Замир Мехмети.
На демонстрантите им се приклучи и челникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев. Неговата сопартијка Радмила Шекеринска во обраќањето пред Владата истакна дека народот револтиран и гневен, и оти челникот на владејачката партија Никола Груевски не можел да го контролира.
„Оваа криза има само еден излез, а тоа е правда и одговорност, и сите треба да одговараат. Овој народ е тука да каже дека нема шанси за уште едни криминални избори. Тука сме да кажеме дека правдата е во наши раце. Тука сме да не му дозволиме на Груевски свое судство од тефтерчињата. Тука сме да побараме Уставниот суд да донесе одлука за СЈО. Мора Груевски да ги тргне рацете од институциите. За специјално одделение на Кривичниот суд да се занимава со предметите на СЈО – за да има правда. Денес овие граѓани од цела Македонија се тука за да побараат оставка од власта која узурпира се. Вистинската борба, вистинските борби не ги водиме за самите себе. Шарената револуција е секој од вас. Не е тука за еден, туку за сите нас, за сите оние што се уште се дома, затоа што сакаме оваа Македонија да биде татковина и на нашите деца. За таа борба за слободна Македонија сме спремни да се бориме“, рече Шекеринска./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.