Македонија
Одложена Анкетната комисија, Ванхауте не се појави

Седницата на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањете, повторно е одложена поради потребата за координација на членовите, затоа што белгискиот посредник Питер Ванхауте, не дојде иако беше најавен за да го прецизира гласањето на претседателот на Комисијата – една од спорните точки за членовите од ВМРО-ДПМНЕ.
Антонио Милошоски, како член на Комисијата од ВМРО- ДПМНЕ, праша дали отсуството на Ванхауте се должи на недоволната комуникација со претседателот на комисијата Петре Шилегов, или е резултат на поинакво толкување на ставовите од негова страна. Шилегов објасни дека Ванхауте не е присутен, бидејќи постои напредок во усогласувањата на ставовите на членовите на Комисијата во однос на спорните точки.„Во текот на вчерашниот ден и изутринава дојде до значителен напредок во усогласување на ставовите за одредбите од Деловникот и бидејќи е потребен уште еден извесен период за да ги надминеме во целост разликите околу содржината на Деловникот, меѓу пратеничките групи се јави потреба од дополнително време“, рече Шилегов.Спорни точки околу кои членовите на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не можат да постигнат согласност се дали Комисијата може да почне да работи без присуство на мнозинството членови.Исто така, членовите на комисијата од парламентарното мнозинство стравуваат претседателот Шилегов да не ја злоупотреби положбата и нерегуларно да повика сведоци на седницата, без претходно да ги извести членовите.Парламентарното мнозинство бара да се дефинира колку пати еден сведок или експерт може да се појави, а најспорната точка е зошто претседателот на Комисијата да гласа два пати, поточно доколку за некое решение гласовите се изедначени, претседателот на Комисијата да претегне кон едно решение.Шилегов објасни дека тој како претседател на Комисијата нема да гласа два пати, туку, доколку се случи за некоја одлука членовите на Комисијата да гласаат со еднаков број гласови, тогаш последен гласа претседателот на Комисијата и неговиот глас тежнее на одлуката. Тој истакна дека неосновани се сомнежите декаќе ги злоупотребил сведоците и ќе ги повика без да знаат останатите членови на Комисијата, а во однос на тоа колку пати може да се појави некој сведок или експерт, ќе се дефинира во координациите кои членовите ќе ги имаат до понеделник. Според Милошоски, ако СДСМ има потреба од консултации, дополнителна правна помош и стручни служби може да консултира кого сака, но за одлуките на Комисијата ќе одлучуваат само избраните членови. Шилегов ја прекина седница и не дозволи понатаму пратениците од парламентарното мнозинство да реплицираат. Следната седница е закажана за понеделник./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.
Македонија
Јас не сум од вчера во политиката, Левицата фрли гума за спасување на ДУИ со кандидатите во Струга, Гостивар и во Тетово, вели Мицкоски

Партијата Левица предложи кандидати за градоначалници во Струга, Гостивар и во Тетово само за да ги раслои анти-ДУИ гласовите во овие општини, во кои е јасно дека нема да победат. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го објасни од каде му е ставот дека има коалиција меѓу партијата Левица и ДУИ.
„Јас не сум од вчера во политиката. Потегот на партијата Левица да извади свои кандидати во општините Гостивар, Тетово и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, еве овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што ДУИ сфаќа дека во овие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има мал незначителен број градоначалници и единствениот сојузник што во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, вели премиерот Мицкоски.
Неговиот став е дека шансите да победи кандидатот на партијата Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но шансите за победа на нивниот кандидат во Велес или во Штип се на ниво на теорија.
„Вистинското прашање е еве зошто во родниот град на претседателот на Левицата немаме кандидат, зошто во Штип, кој е роден град на уште еден член на раководството на Левицата, нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга, каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромното мнозинство и сентиментот и расположението кај жителите во овие општини е анти-ДУИ. Нормално, својот стар коалициски партнер со кој функционираат и во Собранието одвреме-навреме, но и во Град Скопје, го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување токму тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата тоа им е потребно“, рече премиерот Мицкоски.
Партијата Левица е единствена од македонскиот блок политички партии што истакна свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар.
Во Струга нивна кандидатка за градоначалничка е актуелната пратеничка и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска. Во Тетово ја предлагаат Катка Божиновска, професорка на Државниот универзитет во Тетово, а во Гостивар ИТ-специјалистот Дарко Грујоски.