Македонија
Изгласани законите од Пржино, следно треба да се изберат новите министри
Со повеќе од 100 гласа за, ноќеска пред полноќ беа изгласани законите договорени во Пржино, при што за некои воопшто и немаше пријавени дискутанти, а за некои, како за законот за пратеници од дијаспората имаше остра дискусија.
Според најавите, собраниската седница за избор на новите министри и заменици министри ќе се одржи утре.Парламентот со мнозинство гласови ги одобри договорените закони, а жестока расправа се поведе само по измените и дополнувањата во изборниот законик. Најпрво се изгласа одлуката за формирање на Анкетна комисија која ќе ги утврдува околностите и содржината на прислушуваните разговори. Предвидено е комисијата да биде составена од 16 члена, осум на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и четири на СДСМ, двајца на ДУИ, еден на ДПА и еден независен. Со комисијата ќе претседава член на СДСМ. За Анкетната комисија гласаа 106 пратеници, а еден беше против.Новиот изборен законик го одобрија 104 пратеници, а тројца беа против. Овие измени вклучуваат промена во составот на Државната изборна комисија, зголемување на нејзините ингеренции, па во иднина, ДИК ќе може да покренува прекршочни и кривични пријави. Ќе се промени гласањето на дијаспората така што од три изборни единици се трансформира во една со минимум од околу 6.000 гласови за избор на пратеник. Измените предвидуваат и прочистување на избирачкиот список со теренска проверка на гласачите и со вкрстено проверување на базите на податоци, како и право на опозицијата да биде подеднакво претставена во медиумите како власта. МРТ доби обврска да организира дебати во изборна кампања.За измените во кривичниот законик гласаа 110 пратеници, а ниту еден не беше против. Промените се однесуваат на законските казни за лицата кои неовластено прислушуваат. Од 1 до 5 години затвор е превидена за оној кој со посебен уред ќе овозможи неовластено прислушување, а доколку прислушувањето го извршува службено лице ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Предвидена е казна и за операторите кои ќе дозволат да се врши неовластено прислушување, а која изнесува 10 отсто од вкупните приходи на компанијата за таа година.Законот за заштита на приватноста, популарен како закон за бомбите, го гласаа 106 пратеници, а еден беше против. Со него се уредува користењето, располагањето и објавувањето на прислушувани разговори. Законот не ги опфаќа оние разговори кои укажуваат на некаков јавен интерес, без разлика помеѓу кого се водат. Законот не ги третира ниту бомбите објавени до 15 јули годинава.За Законот за укажувачи, познат како закон за свиркачите, гласаа 110 пратеници, а ниту еден не беше против. Со него се уредува заштитата на оние лица кои откриваат криминал или незаконитост во институциите на државата, или во приватни фирми.Без расправа помина Законот за Влада, а со него на опозицијата и се овозможува да назначи нови министри.Овој закон се гласаше последен, но за него осум пратеници беа воздржани. Законот доби 98 гласа „за“ и ниту еден „против“. Со законот за Влада предвидено е со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика да управуваат министри опозицијата. Покрај тоа, опозицијата ќе предложи и заменици министри во Министерството за информатичко општество, Министерството за финансии и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Најдоцна до петок премиерот, Никола Груевски, треба да ги предложи новите министри до Собранието, а парламентот да ги изгласа.Во вторник ЕУ ќе го достави извештајот за напредокот на земјава./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел стабилен и економски поврзан регион
Заменик-претседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Белград оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Р Србија, Адријана Месаровиќ.
На средбата се разговараше за повеќе теми, имајќи го предвид заедничкиот интерес на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестициони проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Скопје на 3 декември.
„Бидејќи наша заедничка цел е интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешнотрговската размена, денеска остварив мошне конструктивен состанок со потпретседателката на Владата на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ. Бројките веќе покажуваат дека оваа година, и покрај сите предизвици, економската размена ќе биде поголема од минатата, имајќи предвид дека за првите девет месеци е остварена размена од повеќе од 1,1 милијарда евра, додека во 2024 година таа изнесуваше 1,4 милијарда евра“, истакна по средбата Стоилковиќ.
Тој додаде дека посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
„Стопанствениците бараат соработка и нашата цел е да излеземе во пресрет на нивните барања и дополнително да ги поврземе. Со поддршка на претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски, на 3 декември во Скопје ќе организираме голем Бизнис форум на кој ќе разговараме за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српските производи на пазарите на двете држави, за што постојат сериозни потенцијали. Владата на Христијан Мицкоски води одговорна политика која носи конкретни резултати – стабилен економски раст, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност и поврзаност. Благодарение на таквите политики, нашите стопанственици ќе имаат сè повеќе можности за пласман на своите производи и услуги на други пазари“, изјави Стоилковиќ.
Средбата потврди дека меѓусебната соработка меѓу РС Македонија и Р Србија продолжува да се развива во духот на партнерство, доверба и заеднички интереси на економскиот и регионалниот план.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.

