Македонија
Реџепи: Само ИВЗ се бори против радикалниот ислам

Исламската верска заедница единствено се бореше против радикализација на исламот во Македонија, по распадот на Југославија, кога почна да се појавува на Балканот, тврди реисот на ИВЗ Сулејман ефенди Реџепи, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„И навистина од прв миг ние како Исламска верска заедница бевме многу гласни за тоа, забележавме и баравме со заеднички сили, значи самата ИВЗ и надлежните државни органи да бидеме контакти, единствени во тоа и да го стопираме таквото инволвирање во Македонија. За жал, кај надлежните државни органи веројатно имаше сознанија, но некако, со оглед дека јас бев транспарентен и многу гласен, тие некако го запоставија тоа и таквото движење се појави во Македонија. Единствена која се бореше против тоа, со сета одговорност кажувам пред јавноста, беше Исламската верска заедница“, вели Реџепи.
За тоа дека во акцијата на МВР „Ќелија“ беше уапсен и еден од имамите, Реџепи вели дека не знаат точно дали станува збор за некој кој врбувал борци за кризните земји.
„Ммеѓутоа секогаш се кажува, тоа значи од луѓето, од верниците, од така наречениот џемат, секогаш бевме известени дека постои такво и такво лице кое раководи со Јаја паша џамија и со Тутунзус џамија и на верниците им беше доста непријатно, меѓутоа и ние како институција не дозволивме самите верници тоа да го решат или ние сами да појдеме така, туку баравме правниот систем да профункционира и да не испадне некој скандал таму“, вели Реџепи.
Реисот на ИВЗ не знае колку луѓе од Македонија има на боиштата во Сириа и во Ирак, но не верува дека се 130. „Јас не верувам дека има толку, со оглед дека точната бројка никој не ја знае, само се манипулира. Доколку државните органи надлежни за такви работи точно знаат колку луѓе се заминати, јас не знам што е преземено од нивна страна да ги спречиме и зошто ние како влијателна Исламската верска заедница по однос на исламот и муслиманите во Македонија, зошто ние да не бидеме известени, а верувајте дека ние ќе дејствувавме превентивно и нашиот глас ќе се послушаше“, додава Реџепи./крај/рсе/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски ја доби тужбата против Славјанка Петровска за клевета

Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда во корист на премиерот Христијан Мицкоски, утврдувајќи дека пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, јавно ширела невистини и клевети против него.
Како што информира премиерот преку објава на социјалните мрежи, судот ѝ наложил на Петровска не само да се извини, туку и да ја објави пресудата во медиумите.
„Ова е уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете. Судот потврди дека поранешната министерка и актуелна пратеничка ширела лаги и клевети против мене. Вистината мора да излезе на виделина“, напиша Мицкоски.
Тој ја искористи приликава и за поширока критика на политичката култура на неговите опоненти.
„Очигледно, лажењето како синдром на политичката култура на СДСМ не престанува да биде нивен заштитен знак. Со оваа пресуда се потврдува не само дека лажат, туку и дека не се промениле. Продолжуваат да го потценуваат народот“, порача премиерот.
Според Мицкоски, оваа судска победа не е лична, туку борба за вистината и достоинството на секој човек кој се спротивставува на политичките манипулации.
„Ова не е моја лична битка, ова е битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги“, стои во неговата објава.
Тој додава дека продолжува да работи со посветеност и дека „лагите ќе паднат, а вистината победува“.
Скопје
Град Скопје: Обвинителството го отвори првиот случај за дивоградбите во Чаир

Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир, информираа денеска од Град Скопје.
Според соопштението од прес-службата, истрагата се однесува на сомневања за фалсификување на документи и незаконска легализација, а се поврзува со поранешниот градоначалник на општината, Висар Ганиу.
„Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава со фалсификатите. Таму веќе се водат уште две постапки претходно започнати за Висар Ганиу, првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде што незаконски се легализирале објекти со соучесник“, стои во соопштението.
Од Град Скопје испратија и повик до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со барање конечно да започне постапка против, како што велат, „организираната криминална банда“ во Чаир.
„Очекуваме и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се одважи и да почне да постапува против организираната криминална банда во општина Чаир, која овозможувала градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори“, велат од Град Скопје.
Во реакцијата се посочува и дека некои од лицата кои се појавуваат како сопственици на овие објекти сега се милионери, а официјално се прикажани како градители на зградите уште од пред 5, 6, 10, па и 11 години.
Скопје
Ѓорѓиевски: Уште една незаборавна ноќ во Кисела Вода, десетици илјади граѓани на концертот во Расадник

Со вистинска експлозија од енергија, ритам и емоции, синоќа помина третата вечер од Културното лето на Општина Кисела Вода, кое годинава се одвива под слоганот „Сѐ на свое место“. Расадник повторно беше полн со луѓе, откако десетици илјади граѓани се собраа за да прослават и да уживаат во една од најмасовните музички забави што се случиле во Скопје последниве години.
На сцената настапија популарните 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика, кои со своите хитовски песни ја дигнаа публиката на нозе. До доцна во ноќта одекнуваа добро познати рефрени, а атмосферата беше еуфорична, преполна со енергија и музика.
„Ова е само увертира за она што следува“
На настанот се обрати и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој не го криеше воодушевувањето од атмосферата и масовноста на публиката.
„Да кажам благодарам е малку. Јас ви се поклонувам, мој народе! Ова беше уште една одлична и една од најпосетените забави во Скопје изминатите години. Забава која ќе остане да се памети, а за тоа да биде така се потрудија неповторливите 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика. Ви се заблагодарувам на сите! Вие сте причината за ова што го работиме од срце, со елан и визија! И ова не е крај – ова само е увертира за она што следува!“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги дувна и свеќичките на роденденската торта, честитајќи го празникот на општината.
Последна вечер со хумор и евергрини
Славењето продолжува и вечерва, повторно на истото место – Расадник, со последната вечер од богатата роденденска програма.
Од 20:30 часот ќе настапат стенд-ап комичарите Бојан Велевски и Маријан Георгиевски, а веднаш потоа ќе следува настап на Теа и 2 Exit, кои ќе понудат модерна изведба на македонски евергрини.