Македонија
Кривичниот совет ќе одлучува за сите осум жалби за „Титаник“, рокот тече од денеска

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје одеднаш ќе одлучува по сите осум жалби на Специјалното јавно обвинителство за решенијата на судијата на претходна постапка да не им одреди притвор осомничените од случајот „Титаник“.
Иако жалбите за четворица од осомничените кои беа на распит во Судот во петокот Специјалното обвинителство ги поднесе во саботата вечерта и очекуваа Судот да донесе одлука по овие жалби до понеделникот вечерта, сепак од Судот соопштуваат дека рокот за одлучување по жалбите почнува од денеска, вторник, кога ги примиле жалбите за четворицата осомничени во случајот „Титаник“ кои беа на распит во судот во понеделникот.„Кривичниот совет ги доби жалбите за сите решенија на судијата на претходна постапка, кој одлучуваше по предлозите на Специјалното јавно обвинителство. Со тоа предметот пред Кривичниот совет е комплетиран и од денеска тече рокот од 48 часа за донесување на одлуката по жалбите“, соопштуваат од Основниот суд Скопје 1.Од Специјалното јавно обвинителство во понеделникот изјавија дека Законот за кривична постапка е дециден и дека Судот треба да донесе одлука по 48 часа од поднесувањето на жалбите.Се очекува Основниот суд да одлучува и по жалбата за Исмет Гури за кого беше поднесен предлог за притвор пред судија на претходна постапка во Одделот за кривично полнолетни.Судиите ги одбија предлозите за притвор за сите деветмина осомничени од случајот „Титаник“, првиот случај што го отвори Специјалното обвинителство. Одбиен е притворот и за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и секретарот на Владата, Кирил Божиновски. Единствено на градоначалникот на Пустец, Едмонд Телемко и на Исмет Гури, член на општинска изборна комисија на Чаир во 2013 година им беа одредени алтернативни мерки./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.