Македонија
Обвинителството бара ефективен притвор за членовите на „Левицата“, судењето пак одложено
Скопското јавно обвинителство бара куќниот притвор да се замени со ефективен притвор за двајцата членови на „Левицата“, Здравко Савевски и Владимир Куновски, учесници во протестите против одлуката за аболиција.
Обвинителството поднело жалба на решението на Судот да не определи ефективен, туку куќен притвор, и сега предметот се наоѓа во Апелациониот суд кој одлучува по жалбата на Обвинителството.„Предметот се наоѓа во Апелација по повод жалбата на решението на судијата поединец да не определи ефективен притвор туку домашен притвор по приемот на обвинителните предлог. обвинителството го има обжалено тоа решение и сега предметот се наоѓа во Апелација“, вели адвокатот на двајцата демонстранти, Сашо Дуковски. Апелациониот суд има можност да ја одбие жалбата и да го потврди првостепеното решение, да го преиначи решението во еден или друг правец и да го укине решението и да го врати на повтoрно одлучување. Дуковски вели дека таа одлука се очекува да биде брзо донесена. Ова беше една од причините поради кои се одложи денешното судско рочиште за овој случај, а демонстрантите се во притвор речиси еден месец. Јавното правобранителство ја сменило правобранителката во овој случај и новата правобранителка го немаше вештачењето кое е веќе изготвено за да им го достави и на судот и на Обвинителството и на одбраната.„Треба да се размислува дали има еднаквост на оружјата и положбата на странките во постапката. Во неколку други постапки вештачењето за истиот предмет, истиот настан е веќе доставено, ние немаме доставено вештачење со образложение на Јавниот правбранител дека друг го водел предметот и ќе направеле напори да го обезбедат вештачењето за на следното рочиште. Никој не го засега тоа што луѓето се во притвор“, изјави Дуковски.Савевски и Куновски се товарат дека учествуваат во демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на протестите на 13 април против одлуката за аболиција. Едниот демонстрант е осуден на условна казна а судењето за другите двајца демонстранти треба да продолжи утре. Иако Кабинетот на претседателот процени дека при демолирањето била направена штета од 880.000 денари или 15.000 евра, Бирото за судско вештачење изготви вештачење и утврди дека штета е речиси за половина помалку или 520.000 денари односно 9.000 евра. Со дополнителното вештачење на Правобранителството треба да се утврди колку треба да плати секој демонстрант поединечно./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

