Македонија
Пренатрупаност и нечовечки услови во затворите, затворениците бараат и тие да бидат помилувани
Затворениците од сите затвори низ Македонија во четврток напладне ќе излезат на протест, бидејќи сѐ уште не добиле одговор на нивното барање испратено до Претседателот Ѓорге Иванов, по аболицијата на политичарите и тие да бидат помилувани. Пред затворите протести најавија нивните семејства и пријатели.
Околу 2.200 затвореници од вкупно 3.156 осудени лица потпишаа петиција којашто ја испратија до Кабинетот на Претседателот со која бараат намалување на казните од 30 до 50 отсто.Нивното барање следува по одлуката на Иванов да помилува 56 лица, политичари и нивни соработници. Намалување на казните од Иванов побараа и повеќе од 100 затворенички од затворот „Идризово“, но Иванов им порача дека секоја од нив поединечно треба да достави до него барање. Ако нема одговор на нивните барања, затворениците најавуваат и штрајк со глад. Според Хелсиншкиот комитет на Македонија, затворите се пренатрупани и во нив има нечовечки услови. Во 30 затвори во земјава престојуваат вкупно 3.446 затвореници. Од нив, 3.159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 287 притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2.026, што значи дека постои пренатрупаност од 156 отсто, односно во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица.Најалармантна е состојбата во Струмица, Тетово , Штип и во затворот „Идризово“ во Скопје. „Пренатрупаноста ја загрозува приватноста, го нарушува достоинството на луѓето и резултира со нечовечки и нехумани услови за живот. Механизмите за надзор се нефункционални. Третманот кој лицата го добиваат често е нечовечки што е во спротивност со принципот на апсолутна забрана за тортура“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет. Според Комитетот за превенција од тортура, во некои од затворските соби има наезда од бубачки и разни инсекти, а душеците за спиење се стари и оштетени. Ова меѓународно тело укажува на присуство на голем степен на корупција меѓу затворските служби и затворениците. Комитетот наведува дека во затворот изгледа дека може да се купи сè, од мобилни телефони, дрога, условен отпуст и подобро сместување во затворот. Според Комитетот, опстојува насилството од страна на затворските служби, во форма на шамари, удари, клоци и удари со палка по телото. Насилство се употребува како казна за поседување недозволени предмети, како средство за дисциплина или разрешување на насилство меѓу затворениците. Забележано е и расистичко однесување кон затворениците од Ромска етничка припадност.„Системот на поплаки од осудените лица до директорите на затворите, Управата за извршување на санкциите и судовите е целосно нефункционален. Државната комисија за вршење надзор во казнено-поправните и воспитно-поправните установи предвидена со Законот за извршување на санкциите е формирана само на хартија и не функционира“, наведуваат од организацијата.Хелсиншкиот комитет го поддржува протестот на осудените лица и апелира активностите предвидени во Проектот за реконструкција на пенитенцијарите установи да се забрзаат. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

