Македонија
Во понеделникот издадени потврди на 2.217 мигранти
Во понеделникот од страна на МВР биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 2.217 странски државјани, од кои 1.174 се од машки пол, 406 се од женски, 534 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 103 деца кои патуваат без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-853, Авганистан–624, Ирак-323, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 16-ти ноември издадени се потврди на вкупно 253.369 странски државјани, од кои, 149.859 се од машки пол, 38.340 се од женски, 51.994 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 13.175 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-156.530, потоа Авганистан-55.585, Ирак-20.564, Иран-5.894, Пакистан-5.303, Палестина-2.122, Сомалија-1.270, Бангладеш-1.205, Мароко-1.162, Конго-514, Либан-428, Алжир-430, Нигерија-275, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 16-ти ноември до Одделението за азил се поднесени 70 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 51 барања се од државјани на Сирија, од нив 15 за деца, потоа пет барања од државјани на Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан , по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 16-ти ноември евидентирани се вкупно четири баратели на азил, еден маж, една самохрана мајка и две деца со придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита два баратели на азил (малолетно лице со придружба на старател и еден маж) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

