Македонија
Јанева: Судот има рок од осум дена да закаже рочиште за обвиненијата

Основниот суд Скопје 1 има рок од осум дена за да закаже рочиште за двете обвиненија што во четвртокот ги поднесе Специјалното јавно обвинителство. Како што изјави Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева обвиненијата се поднесени во скратена постапка и Судот според неа може да ги закаже судењата веднаш.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не сакаше да го коментира поднесувањето на Обвиненијата и тоа како Судот ќе постапи во овој случај.„Неуморно верувам дека големо мнозинство во Судот и воопшто во правниот систем се професионалци кои си ја сакаат својата работа и бараат услови слободно, согласно свое убедување, по Устав и по Закон да носат одлуки. Знаеме пред каков важен моментум сме исправени и како граѓани и како Република Македонија. Согласно моментумот во кој живееме и рбаотиме треба и да се однесуваме“, изјави Заев.СЈО во четврток поднесе две обвиненија, за уништувњето на списите од работата на системите за прислушување и првообвинет во овој случај е шефот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски и за насилните протести во општина Центар, во кој провообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски за потиикнување на насилство./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Успеавме да спречиме ЕП да се користи за домашна политичка пропаганда на Мицкоски, вели бугарскиот шеф на дипломатијата

„Успеавме да спречиме Европскиот парламент да се користи за домашна политичка пропаганда на Мицкоски. Северно- македонскиот премиер очигледно не е возбуден од позитивниот развој на неговата земја, туку води битка од сугестии кои се неплодни.
Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот што РС Македонија мора да го земе предвид. Ние сме земја-членка на ЕУ, а РСМ засега е само кандидат“.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев во врска со извештајот на Европскиот парламент, од кој беа избришани „македонскиот јазик и идентитет“, и последователното обвинување од Христијан Мицкоски дека Бугарија сака да ја уништи Македонската нација, пренесуваат бугарските медиуми.
„Ние ја поддржуваме и ќе ја поддржуваме РСМ на нејзиниот пат кон европска интеграција“, додаде Георг Георгиев.
Во разговор за bTV, тој потсети дека спорот за историјата им бил оставен на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство.
А темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој, рече министерот за надворешни работи.
„Мицкоски спроведува кризен ПР веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани затоа што ги излажал. Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“, додаде Георгиев.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција, Македонија станува значајна енергетска крстосница во регионот

За разлика од минатите 7 години на нестручно и недомаќинско владеење на СДС и ДУИ со енергетскиот сектор кој доведе до девастација на електро енергетските капацитети и неколку кратно зголемување на сметките за електрична и топлинска енергија на граѓаните сега се поставени темелите за енергетска стабилност и независност, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Се градат 66,6 километри гасовод на македонска страна. Почетниот капацитет на гас е 1,5 милијарди кубни метри со потенцијал да се зголеми на 3 милијарди кубни метри. Вредноста на проектот е 60 милиони евра.
Проектот го реализира домашната компанија, времето на изградба на проектот е планирано да заврши за 22 месеца, а интерконекторот да биде готов во 2027 година“.
Според партијата на власт, изградбата на гасоводот е капитална инвестиција за државата но преку реализацијата на гасоводот се поврзуваме и со останатите земји во регионот и Македонија станува значајна енергетска крстосница, а конкретни придобивки освен регионот ќе имаат и македонските граѓани и компании.
Со овој интерконектор, како што појаснуваат, ќе имаме стабилно снабдување, но и пониски цени за граѓаните.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат, има јасен план и стратегија за енергетскиот сектор во служба на Македонија и граѓаните.
Македонија
„Вчера кога две лица ги загубија животите во пожарите, Мицкоски реши да си држи партиски трибини“, велат од СДСМ

„Мицкоски секојдневно потврдува дека не го интересира здравјето и безбедноста на граѓаните, го интересира само партијата и бесполезните партиски трибини“, велат од СДСМ.
„На вчерашниот црн ден во кој две лица ги загубија животите во пожарите, а институциите целосно потфрлија во управување со кризата, Мицкоски реши да си држи партиски трибини наместо да ја мобилизира целата влада за справување со кризата.
Минатата година, во која изгореа 10% од државата, Мицкоски одеше и сечеше ленти на проекти на СДСМ, а сега ја тера партиската агенда додека неговите институции целосно потфрлаат и граѓаните се оставени сами на себе.
Неговата единствена цел е да прикаже дека сè е во ред со државата, а граѓаните гледаат дека состојбата е целосно излезена од контрола.
ВМРО-ДПМНЕ било и секогаш ќе биде заинтересирано само за власта, за партијата, а никогаш за граѓаните и нивните потреби. Секогаш сопствените интереси пред државните и секогаш личниот рејтинг пред одговорното управување со институциите“, се наведува во соопштението на СДСМ.