Македонија
Партиите ќе се изјаснат за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите и избирачкиот список

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, преку своите претставници во работната група за спроведување на договореното од Пржино, доставила нови предлози за решавање на проблемите со медиумите и за прочистувањето на Избирачкиот список, на средбата во понеделик, а денеска се очекува претставниците на партиите потписнични на Договорот од Пржино да се изјаснат по нив.
По неколкудневна пауза на работата на работната група, во вторник ќе се одржи и втора средба, која е закажана за 17.30 часот, во Клубот на пратениците во Скопје заедно со посредникот Питер Ванхауте.По завршувањето на разговорите во понеделник, белгискиот посредник изјави дека претставниците од ВМРО-ДПМНЕ имале предлози, па другите партии побарале дополнителни консултации. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се однесувале за точките за реформите во медиумската сфера и методологијата за прочистување на избирачкиот список.Ванхауте по завршувањето на средбата на прашањето како другите партии реагирале на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, само кусо одговорил: „Состојбата е критична“.Тој беше замолен да го го коментира говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Унијата на жени на неговата партија.„Немам никаква реакција, мојот одговор како и секогаш е: Ако не ви се допаѓа пораката, убијте го гласникот“, одговори Ванхауте. „Ќе помине многу долго време, пред на некој политичар му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“, рече Груевски на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во неделата./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: СДС е последната партија што може да зборува за правда и култура

„Кога СДС зборува за правда, тоа звучи исто како крадец да држи предавање за чесност. Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот. СДС, како и секогаш, кога институциите конечно почнуваат да работат професионално, после хаосот што го оставија зад себе, се обидува да шири лажни вести, страв и дезинформации. Тоа не е ништо ново, тоа е нивна стара стратегија – кога немаат аргументи, измислуваат афери“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Меѓутоа, јавноста добро памети.
Во време на СДС:
– се гасеа истраги и се уценуваа обвинители;
– криминалци од врвот на власта беа заштитени како свети крави;
– граѓаните беа сведоци на политички прогон на неистомисленици;
– Врховниот суд беше партиски штаб, а Советот на јавни обвинители нем набљудувач на криминалот.
Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци.
Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи притисоци врз обвинителството, но ниту ќе дозволи заштита за било којшто се огрешил пред законот – без разлика на партиска, етничка или друга припадност.
Тоа е разликата меѓу нас и нив!
Ние се бориме за држава на еднакви, не на привилегирани!
Тие се борат да се вратат на власт за повторно да ја контролираат правдата и да продолжат со грабежот.
Но времето на криминалците заврши.
Македонија е во рацете на чесните граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата Фрањо.
„Драги браќа свештеници, чесни сестри и верници,
Со голема тага, но и со вера во воскресението и животот вечен, денес во утринските часови на Светол Понеделник, 21 април 2025 година, Господ го повика кај Себе Својот слуга, и наш возљубен пастир, Петровиот наследник, папата Фрањо.
Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.
Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.
Ги повикувам сите свештеници и монашки заедници, како и сите верници да се обединат во лична молитва за покојниот папа Фрањо и одредувам денес од сите цркви во 15.00 часот да се огласат камбаните, пропратени со молитви на верниците. Одредувам ден пред неговиот погреб во сите цркви да се служи света Литургија задушница за папата Фрањо“, се наведува во писмото.
Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.