Култура
Шербеџија одржа концерт во Лондон: Солзи и песни за Тоше Проески
Познатиот српски актер и пејач, Раде Шербеџија со членовите на својот состав „Западен колодвор“ настапи во сабота во Лондон на дружење во чест и сеќавање на македонскиот прерано почина пејач, Тоше Проески.
Во изјава за белградски Блиц, познатиот актер со холивудска кариера, Раде Шербеџија, раскажува дека настапот во културниот центар „Study Society“ бил исполнет со насмевки, но и солзи.
„Беше исклучително убаво. На концертот гостин беше македонската актерка Тања Царовска, која прекрасно пее и го посветивме тој концерт на Тоше. Имаше доста емоции бидејќи кога се одржува концерт далеку во светот, тогаш нашите луѓе кои се оддалечени од својата земја посебно емотивно се доживуваат“, вели Шербеџија.
На ова дружење присуствувале и англиски академици и уметници од различни профили, а меѓу нив бил и продуцентот на Тоше, Енди Рајт.
„Драго ми е што имаше толку многу луѓе и што македонското друштво ’Круг’ го одбра мојот концерт да биде за таа прилика, се разбира под сугестија на родителите на Тоше и оние кои се занимаваат со неговото наследство“, рекол Шербеџија кој во 2011 година со Мирослав Тадиќ настапи по повод отворањето на Спомен куќата на Тодор Проески во Крушево.
Тој тогаш заедно со музичарот Влатко Стефановски премиерно ја изведе необјавената песна на Тоше – „Крушево“.
„Ги сакав неговите песни и мислам дека имаше исклучителен талент. Посебно сакам да ги слушам неговите албуми снимени во живо, на концерти кои го откриваат врвниот пејач и нежниот човек“, изјави тогаш Шербеџија./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).

