Култура
Македонија се сеќава на Тоше и неговите песни

Пред осум години на 16 октомври 2007 година во 6.20 часот во сообраќајка кај Нова Градишка загина македонскиот поп пејач, Тоше Проески, најголемата македонска ѕвезда, пејач и хуманитарец.
Осум години по неговата смрт, не само Македонија, на него и на неговите песни се сеќава цел Балкан и се присетува на кобното утро кога се дозна тажната вест за загинувањето на Тоше. Неговата менаџерка, Лилјана Петровиќ во изјава за хрватскиот весник „Јутарнји лист“ вели дека за родителите на Тоше како да застанало времето. Таа редовно контактирала со нив, но вели дека нивната тага со ништо не може да се излечи.„Утеха им даваат нивните внуци Кристијан и Никола, синовите на сестрата на Тоше, Дора. Четиринаесетгодишниот Кристијан многу потсетува на Тоше, и пее и свири“, изјавила Петровиќ.По трагедијата таа целосно се повлече од естрадата. Живее во Ниш и се занимава со производство на етерични масла и одгледува лаванда.Долгогодишната девојка на Тоше, Андријана Будимир, пред две години се омажи за угостител во Скопје и има син Максим. По смртта на Тоше, Петровиќ и Будимир се соочија на суд по изјавите на Петровиќ за хрватските медиуми дека Будимир лаже дека последните смс пораки Тоше и ги пратил нејзе и тврдеше дека воопшто не контактирале.Будимир ја тужеше и судот пресуди Петровиќ да и исплати 300.000 денари на Будмир за клевета. Возачот на џипот „туарег“ Ѓорѓи Ѓорѓиевски ја одлежа двегодишната затворска казна на којашто беше осуден за сообраќајката во која загина Тоше. Сообраќајката се случила кога возилото со кое патувал во насока на Загреб удрило во приколка на камион, а потоа се извртело и удрило во заштитната ограда.Тоше загинал на местото на несреќата, а во моментот на сударот спиел на совозачкото седиште од автомобилот.Во несреќата повредени беа менаџерката Петровиќ и возачот Ѓорѓи ,кои беа хоспитализирани во болницата во Нова Градишка.Според изјава на возачот на камионот Славиша Кузмановиќ, возилото „Фолксваген Туарег“ во кое се возел Тоше, со голема брзина удрило во приколката на камионот. Возачот на камионот не се појави на судењето, а Ѓорѓиевски по пресудата кратко искоментира „И покрај сé Тоше си е Тоше“.Неодамна објавена е нова песна на Тоше на ромски јазик ‘Efta purane ikone’ ./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков од министерскиот форум во Рим: Културното наследство да стане двигател на одржлив туризам

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, учествува на првиот министерски форум „Поврзување на дестинациите: Италија – Балкан туристички форум“ (Bridging Destinations: Italy – The Balkans Tourism Forum), што денеска се одржува во Рим, Италија.
На форумот, на кој учествуваат министри за туризам од Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Црна Гора и од Македонија, како и претставници на бизнис-секторот од Италија, се одржаа неколку панел-дискусии посветени на создавање нови заеднички туристички програми, производи и иницијативи за подобро интегрирање на балканскиот и на медитеранскиот туристички простор.
Во своето обраќање министерот Љутков пред присутните ја нагласи потребата од регионална интеграција во туризмот потенцирајќи дека Балканот треба да се гледа како единствена туристичка целина, а не како изолиран пазар.
„Туризмот е многу повеќе од економија, тоа е мост што ги поврзува луѓето, културите и историјата. Балканот има шанса да стане обединета дестинација, која ќе нуди уникатно, автентично и мултинационално искуство“, истакна Љутков.
Тој предложи Балканот да се вклучи како образовна рута во италијанскиот едукативен систем преку организирање екскурзии за ученици и студенти, кои би се запознале со културното наследство на регионот и би ја продлабочиле врската меѓу Италија и земјите од Југоисточна Европа.
Министерот ја промовира и идејата за создавање нови заеднички програми, продукти, проекти, кои би ги обединиле земјите од регионот и Италија како една дестинација. Во тој контекст, како конкретна иницијатива, тој предложи соработка во рамките на проектот „По стапките на славните Римјани“, кој ќе ги поврзе историските и археолошките локалитети од Македонија, од Балканот и од Италија, а со цел да се привлечат туристи од глобалниот пазар, особено од Азија, Америка и од Блискиот Исток.
Министерот Љутков потенцира дека Македонија нуди препознатливо, автентично и културно богато туристичко искуство, што е во тесна врска со интересите на италијанските патници, особено оние што бараат историја, авантура и култура. Тој ги посочи локалитетите Стоби, Таор и Охрид како силни туристички адути на Македонија, особено привлечни за љубителите на античката историја и на културен туризам, а Вевчани и Крушево ги издвои како успешни примери за одржлив и зелен туризам.
„Со визија, почит и креативност можеме да го претвориме културното наследство во вистински двигател на одржлив туризам и европска поврзаност. Заедно со Италија можеме да изградиме не само мостови меѓу дестинациите, културите, туку и меѓу народите“, порача Љутков.
Инаку, форумот, кој е во организација на Министерството за туризам на Италија, има цел да поттикне соработка и стратешко позиционирање на Италија и на земјите од Балканот како единствена туристичка дестинација. Учеството на Македонија, пак, претставува значаен чекор кон нејзино поинтензивно интегрирање во регионалните и во европските туристички текови, поголема видливост на македонската туристичка понуда, зајакнување на институционалната соработка, пристап до добра практика, како и позиционирање на земјата како дел од една поширока европска туристичка приказна.
Култура
В недела почнува манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Од 20 до 28 јули, годинава по 14 пат во Трпејца ќе се одржи културно – забавната манифестација „На зајдисонце“. Организаторот Здржението „За Трпејца со љубов“, ветува интересна програма за туристите и домаќините.
На денот на отворањето во недела од 20.30 часот по поздравниот говор на претставник на општина Охрид под чие покровителство се одржува манифестацијата, Фото клубот „Охрид“ ќе ја претстави најновата продукција на фотографии насловена „Убавината на дофат“. Вечерта со својот настап музички ќе ја „обои“ познатиот саксофонист Горан Папаз.
Во понеделник на 21 јули во истиот термин ќе биде промовиран првиот роман на младата трпејчанка Анастасија Ристеска „Париска сложувалка“ напишан на англиски јазик. Промотор ќе биде д-р Габриела Неделкоска. Претходно деца од Трпејца пред публиката ќе ги покажат своите таленти.
Филмот како уметност годинава има посебно место на Зајдисонцето во Трпејца. Под ведро небо како што впрочем сите овие години се одвива манифестацијата во вторник на 22 јули ќе гостува Антонио Вељаноски, млад режисер, сценарист и фотограф кој живее на реалцијата Охрид – Прага. Присутните ќе можат да го погледаат неговиот филм „И(с)згубени“.
Во среда од 19 и 30 часот ќе се одржи популарната Трка со куфери по скалинадата во Трпејца која има натпреварувачки карактер а потоа ќе настапат Мила, Македонка и Билјана. Трите девојки недоамна дипломираа на ФМУ во Скопје.
Ден потоа гостува Драмското студио „Цвет“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Приказни“ а пред тоа ќе бидат прикажани и наградени најдобрите три фотографии од Трпејца направени со мобилен од страна на туристите.
Петокот е резервиран за промоцијата на монографијата „Златните години на КК „Рибар“ од Трпејца од авторот м-р Милчо Јованоски. Промотор ќе биде новинарот и публицист Горан Момироски. Претпладнето ќе се одржи традиционалната регата „Номче Митрески“.
Во сабота на 26 јули ќе гостува Театарскиот проект на ОСУ „Св. Климент Охридски“од Охрид со „Виолината што одекнува низ вековите“од авторот и ментор м-р Михаил Патчев а ќе биде прикажан и документарецот „Охридските трубадури“.
Култура
Маестрална театарска игра на Охридско лето: „12“ – претстава за предрасудите, стереотипите и стравовите на денешното општество

Маестрална театарска игра на „Охридско лето“ донесоа вчеравечер извонредните актери на Македонскиот народен театар играјќи ја претставата „12“ работена по мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, совршено адаптирана на денешницата од режисерот Синиша Ефтимов.
Претставата што ја обедини елитата на македонското глумиште е всушност е декларација за човечката неспособност и некомпетентност.
Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочија меѓусебе обидувајќи се да донесат правична пресуда.
Дванаесетчлената порота, по презентирањето на доказите од страна на обвинителството и одбраната, имаше задача да одлучи дали да осуди или да ослободи момче кое е обвинето за убиството на неговиот татко.
На почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, но еден поротник со своите сомнежи кон докажаното ја започнува интензивната и жолчна дебата во поротничката соба во која почнаа да излегуваат на виделина предрасудите, стереотипите и стравовите на секој од поротниците.
Публиката уживаше во феноменалната игра на актерите Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов/Нино Леви Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев. Тие преку своите ставови, мислења, емоции го отсликаа денешното општество со сите негови вредности, но и недостатоци и маани.
Сценографијата за театарската претстава „12“ за која имаше огромен интерес на „Охридско лето“ е на Мартин Манев, музиката на ПМГ Колектив, а костимографијата на Александар Ношпал.