Македонија
Анкетната комисија за `фабриката за афери` ќе се формира следната недела

Формирањето на анкетната комисија за таканаречената ‘Фабрика за афери’ во Собранието е одложено за следната недела, со образложение да се остави простор пратеничките групи на владејачката партија и на опозициската СДСМ да предложат свои членови, иако опозицијата не сака да предлага.
За петок беше закажана седница на Комисијата за избори и именувања, на која требаше да бидат предложени членови за новата Анкетна комисија како и нејзин претседател, за која минатата седмица позитивно се изјаснија 62 пратеници.Сепак, првиот час од седницата мина во дискусија за предлогот на СДСМ оваа точка да се тргне од дневен ред. Од партијата сметаат дека нема потреба за оваа, како што ја нарекоа, контра-анкетна комисија, која ја сметаат за владејачки пандан на веќе формираната Анкетна комисија за утврдување на политичката одговорност во скандалот со прислушувањето.Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, предложи формирање анкетна комисија за фабриката за афери, затоа што според него е доволно голем скандал сознанието дека во Македонија биле издавани фалсификувани лични карти. „Кај неколку лица беа пронајдени над 120 илјади украдени идентитети на личности, огромен број фалсификувани лични карти, голем број на фалсификувани пасоши како од Република Македонија, така и очигледно од Република Бугарија и Република Турција, пронајдени се над 70 илјади прислушувани разговори и цела низа од документи за кои што Јавното обвинителство веќе потврди дека како информации се точни. Врз база на информацијата дека значајни политички и одговорни лица на функција во Република Македонија биле во контакт, корелација, а можеби и во соработка со оваа група на лица која фалсификувала лични карти, пасоши, крадела идентитети, чувала кај себе снимени разговори, цениме дека Собранието на Република Македонија има суштинска надлежност да го истражи целиот случај и да изготви документација врз база на која што понатаму ќе се постапува“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, при предлагањето на формирање ваква комисија.Димовски смета дека Собранието има обврска да обезбеди услови за чисти избори на 24-ти април 2016 година, а еден од предусловите за да се добијат чисти избори е расчистување на оваа афера со фабрика на фалсификување документи.Координаторите на пратеничките групи на ДУИ и ДПА, Талат Џафери и Имер Алиу, се потпишаа на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање нова собраниска анкетна комисија, а пратеничката група на СДСМ ја отфрли иницијативата како „евтин пропагандистички трик“.„СДСМ нема да дозволи да биде верификатор на криминалот и незаконитоста на работењето на Никола Груевски. Барањето за формирање на некаква си нова комисија за т.н. фабрика за афери е само евтин пропагандистички трик на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се избегне нивната одговорност, одговорноста на нивните функционери со евидентните, дури и докажани криминали и корупција за што и беше и постигнат договорот од Пржино и формирана Анкетната комисија“, рече пратеникот на СДСМ и претседател на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Петре Шилегов./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.
Македонија
Јас не сум од вчера во политиката, Левицата фрли гума за спасување на ДУИ со кандидатите во Струга, Гостивар и во Тетово, вели Мицкоски

Партијата Левица предложи кандидати за градоначалници во Струга, Гостивар и во Тетово само за да ги раслои анти-ДУИ гласовите во овие општини, во кои е јасно дека нема да победат. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го објасни од каде му е ставот дека има коалиција меѓу партијата Левица и ДУИ.
„Јас не сум од вчера во политиката. Потегот на партијата Левица да извади свои кандидати во општините Гостивар, Тетово и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, еве овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што ДУИ сфаќа дека во овие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има мал незначителен број градоначалници и единствениот сојузник што во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, вели премиерот Мицкоски.
Неговиот став е дека шансите да победи кандидатот на партијата Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но шансите за победа на нивниот кандидат во Велес или во Штип се на ниво на теорија.
„Вистинското прашање е еве зошто во родниот град на претседателот на Левицата немаме кандидат, зошто во Штип, кој е роден град на уште еден член на раководството на Левицата, нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга, каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромното мнозинство и сентиментот и расположението кај жителите во овие општини е анти-ДУИ. Нормално, својот стар коалициски партнер со кој функционираат и во Собранието одвреме-навреме, но и во Град Скопје, го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување токму тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата тоа им е потребно“, рече премиерот Мицкоски.
Партијата Левица е единствена од македонскиот блок политички партии што истакна свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар.
Во Струга нивна кандидатка за градоначалничка е актуелната пратеничка и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска. Во Тетово ја предлагаат Катка Божиновска, професорка на Државниот универзитет во Тетово, а во Гостивар ИТ-специјалистот Дарко Грујоски.
Македонија
Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Утре, ќе почне увидот на самото место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.
Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно, се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13.30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-групација“, која се занимава со електронски и со електричен отпад, вклучувајќи и литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите на кои имаше горење, особено кај деловите со батерии.
Беше забележан густ црн чад, кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување чад.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево покажале зголемување на сите параметри за два до трипати од дозволеното, а вредноста на јаглеродниот моноксид, која во просек не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.
„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.
Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.