Македонија
Љубе Бошкоски: Спремни сме за изборите
Лидерот на политичката партија „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски пред судењето за случајот „Ровер“ изјави дека се подготвени за претстојните парламентарни избори и дека наскоро ќе заземат јасен став за понатамошните чекори на партијата.
„Најверојатно до крајот на овој месец имаме Централно собрание на кое ќе заземеме јасен став за понатамошните чекори околу идни коалиции, блокови. Спремни сме и ги очекуваме праламентарните предвремени избори“, изјави Бошкоски.Тој повтори дека за случајот „Ровер“ , односно за неговата наводна вмешаност во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев од 2001 година, очекува ослободителна пресуда. „Од судењето очекувам, како и од самиот почеток, ослободителна пресуда иако е сега почеток во овој трет круг на дантевиот пекол“, рече Бошкоски.Ова е трето судење за случјаот „Ровер“, откако Апелациниот суд два пати ја врати на повторно одлучување провстепената пресуда на Основниот суд Скопје 1.Бошкоски како поранешен министер за внатрешни работи беше осуден на затворска казна од 12 години, но пресудата беше укината и неговата казна беше намалена на 10 години. И оваа пресуда ја укина Апелациониот суд и судењето за овој случај треба да почне по третпат, но постојано се одложува.Апелациониот суд го укина притворот и за сите обвинети и сите се бранат од слобода. На ова судско рочиште не беше присутен обвинетиот, Ивица Ристиќ кој во неделата бил примен во болница во Куманово. Бошкоски пред извесно време излезе од затвор откако ја одлежа петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“, за кој првично беше осуден на седум години затвор, но Апелација ја намали казната на пет години. За овој случај беше уапсен по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во јуни 2011 година. Неговата партија учествуваше на тогашните избори, а на изброната кампања упати остри критики кон тогашната власт, која повторно освои најмногу гласови. Беше уапсен за нелегално финансирање на изборната кампања.
Предвремените парламентарни избори во Македонија се закажани за на 11 декември, поред договорот на политичките партии, и со овие избори се очекува да биде надмината политичката криза./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Новите цени на струјата од РКЕ ќе се знаат на почеток на декември: МЕПСО бара поскапување од 0,67 %
До крајот на месецов или на почетокот на декември Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги знае цените за струјата кои се во нејзина надлежност. Барањата на компаниите се веќе доставени до РКЕ.
„Компаниите ги доставија барањата уште во текот на октомври. МЕПСО побара некое минимално зголемување од 0,67% за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не ни побара зголемување, а Електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија кои што имаат исклучително големо влијание на цената на електрична енергија. Кон крајот на овој месец, почетокот на следниот ќе ги знаеме цените коишто ги определува РКЕ, тоа е за пренос и за дистрибуција на електрична енергија и тука не верувам дека ќе има какви било поместувања, а понатака по завршувањето на тендерот за универзалниот снабдувач согласно новиот Закон за енергетика ЕВХ Хоум ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Во периодот што следи, кога потрошувачката електрична енергија се зголемува, директорот на МЕПСО Александар Пауновски вели дека граѓаните можат да бидат спокојни по прашањето за големи испади.
„Имаме голем број активни проекти кои што во моментов се реализираат, еден од нив е 110 киловолтниот далновод Прилеп-Битола. Исто така во тек е продолжување на договорот за реализација на интерконекцијата помеѓу Македонија и Албанија и секако во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија кој што би требало да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво со кој што би се довеле во нормални граници напонските прилики во нашата држава“, вели директорот Пауновски.
Покрај тековните проекти, Пауновски кажа дека имаат аплицирано за голем број грантови преку механизмот за инвестирање на Западен Балкан за надградбата и инвестирањето во преносната мрежа со цел да овозможат непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија.
Македонија
Посилен систем за поправедна заштита – нов проект за борба против корупцијата во здравството
Започнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ чија главна цел е градење транспарентен и одговорен здравствен систем кој одговара на потребите на сите граѓани, особено на жените и маргинализираните групи. Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.
Проектот, кој ќе трае 18 месеци, го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО. Преку активностите директно ќе бидат таргетирани 1.850 жени од маргинализираните групи, околу 700 здравствени работници, 30 претставници од надлежни јавни институции и 90 новинари, но и целокупната јавност.
„Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во државата, а тоа особено се одразува во здравството, имајќи ја предвид сензитивноста на овој сектор и неговата важност за секој граѓанин. Според истражување на Светската здравствена организација, 46 отсто од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствените услуги иако јавните трошоци за здравство постојано се зголемуваат. Нашето истражување пак покажа дека 95 отсто од Ромките и жените од руралните средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи иако оваа услуга би требало да биде бесплатна. Овие бројки укажуваат дека е неопходно сите заедно како општество да работиме за искоренување на корупцијата во здравството“, вели Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ.
„Ние како здравствени работници не смееме да замижиме пред фактот дека корупцијата е присутна во здравството. Напротив, сметам дека треба директно да се вклучиме во сите активности насочени кон препознавање и спречување на коруптивните дејства. На тој начин ќе ги заштитиме пациентите, но ќе се заштитиме и себеси и угледот на нашата професија. Сите жени треба да имаат еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги и верувам дека преку работата на овој проект ќе ја постигнеме таа цел“, рече д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО.
Со цел поширока национална застапеност на планираните активности, во имплементацијата се вклучени и граѓанските организации Мајка од Куманово, Станица П.Е.Т. од Прилеп, Женски форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе. Имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е поддржана од Expertise France преку Француската агенција за развој.
Македонија
Андоновски најави Владин Центар за одговор на сајбер инциденти
Следната фаза во јакнењето на националната сајбер безбедност е изградбата на новиот Владин Центар за одговор на сајбер инциденти – GOVCIRT, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на форумот „Технологии и добри практики во сајбер безбедноста. Искуства од Република Италија“, одржан денеска во Скопје.
На настанот присуствуваа претставници од италијанските институции и компании, како и експерти и претставници од македонските институции, кои дискутираа за новите модели и решенија за унапредување на сајбер отпорноста.
Министерот Андоновски истакна дека Владата е целосно посветена на создавање безбеден, стабилен и модерен дигитален екосистем, и дека новиот Закон за сајбер безбедност, усвоен оваа година, претставува темел за европски стандард во оваа област.
„Со овој закон ја поставуваме јасната рамка за управување со ризици, брз одговор на инциденти и координација меѓу институциите. Тоа е сигнал дека Македонија е подготвена да функционира безбедно дури и во време на комплексни дигитални закани,“ истакна министерот.
Тој потсети и на Националната стратегија за сајбер безбедност, која ја дефинира визијата за создавање сајбер-отпорно општество и поставува приоритети за критичната инфраструктура, човечки ресурси и меѓународна соработка.
Министерот го најави создавањето на новиот Владин Центар за одговор на сајбер инциденти (GOVCIRT) како централна институција за заштита на националните дигитални системи.
„Инвестираме во инфраструктура, модерни алатки и 24/7 оперативна подготвеност. Во тек е финализирањето на Патоказот за развој на GOVCIRT, кој ќе ја прошири експертизата на тимот и ќе овозможи интеграција во европските мрежи за размена на информации,“ изјави Андоновски.
Во завршницата од обраќањето, министерот Андоновски порача дека сајбер безбедноста е тивката архитектура на дигиталната држава и дека Македонија решително го гради тој систем преку законски решенија, стратегии и меѓународни партнерства.
„Со новиот Закон, со Националната стратегија и со развојот на GOVCIRT, ја поставуваме основата на довербата што ја држи дигиталната држава. Тоа е нашата следна фаза – да изградиме стабилен и европски модел на сајбер безбедност,“ заврши министерот Андоновски.
Министерот Андоновски изрази благодарност до Италија за поддршката и споделените искуства во областа на сајбер безбедноста.

